Connect with us

Македонија

Џолев: Да се провери дали се правосилни амнестиите на Иванов

Треба да се проверат две работи за постапките со помилувањето што беа дадени од претседателот Ѓорге Иванов, а потоа повлечени. Неопходно е да се види дали се правосилни и дали имал право да ги амнестира, порача претседателот на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев, на вчерашниот брифинг со новинарите.

Потребата, како што посочи тој, доаѓа по зголемниот број повикувања на адвокатите на обвинетите во предметите на СЈО за преиспитување на одлуката за одбивање на амнестијата при оценката на обвинението, по донесувањето на одлуката на Врховниот суд на Грција да не ги екстрадира разузнавачите Горан Грујевски и Никола Бошковски зашто биле помилувани од Иванов и тврдењето дека еднаш дадено право е секогаш дадено право.

– Кривичниот совет и Апелација веќе се произнесоа за аболицијата и при оценката на обвинението помилувањата беа одбиени. Токму затоа опстојат обвиненијата, а во спротивно ќе беа отфлени. Врховниот суд треба да донесе одлука, а во меѓувреме судиите мора да ги тераат постапките. Доколку повисокиот суд одлучи поинаку, Основниот суд Скопје 1 ќе ја почитува и ќе постапува по таа одлука – рече Џолев.

Денеска адвокатите на обвинетите Илија Димовски и Гордана Јанкулоска во случајот „Титаник“ на СЈО за изборни нерегуларности се повикаа на одлуката на Грчкиот Врховен суд за амнестијата дадена од Иванов.

Актуелно