Connect with us

Македонија

Заев оптимист дека Македонија во јули ќе добие покана за влез во НАТО

Премиерот Зоран Заев очекува во јули Македонија да добие покана за влез во НАТО. За себе вели дека е неуморен оптимист, но потенцира и дека сите треба да се насочат кон изнаоѓање решение за спорот со името со Грција. Од друга страна, последната анкета направена таму покажува дека еден од двајца Грци смета дека сега треба да се постигне решение.

Својот оптимизам премиерот го искажа во интервју за магазинот CorD, кој се печати во Белград, а за свои читатели ги има претставниците на дипломатскиот кор во земјите во регионот.

– Ако се насочиме сите кон изнаоѓањето решение, 2018 година може да биде година за паметење и за Република Македнија, но и за регионот, и за ЕУ и за НАТО. Затоа, неуморен оптимист сум и очекувам во јули покана на Македонија за влез во НАТО, истакнал премиерот Зоран Заев во интервју

На прашањето дали промените на Западен Балкан го прават фактор на стабилност во регионот или е сe уште регион што продуцира кризи, Заев потенцирал дека Западен Балкан покажа оти може да има искрени, енергични и посветени политички раководства, кои сакаат, можат и знаат да проценат што е потребно за своите граѓани, но и пошироко и се подготвени, без калкулации, да ги постават државите на вистинскиот пат.

– Ако некогаш Западен Балкан бил цврст во своите погледи кон заедничката индина, тоа е сега. И ова е многу важен момент. Ги препознавме потребите за меѓусебна поврзаност и соработка и и покажавме на Европа дека е цела, безбедна и стабилна само со целосна интеграција на сите држави што географски, историски, културно и припаѓаат. Сме фактор на стабилност на Европа, не на нестабилност, нема повеќе дилеми. За поздравување е што и Европа го препозна тоа и подаде раце кон Западен Балкан, истакнал премиерот.

На прашањето како ќе се усогласат поволните пораки од ЕУ за Република Македонија, особено по препораката за определување датум за преговори, со отвореното прашање за проблемот што Грција го има со името на нашата земја, премиерот Заев рекол дека со одлуката на ЕК за кристално јасна препорака за отпочнување на преговорите со ЕУ, се потврдија политиките на актуелната влада, со кои за само 10 месеци се откочени процеси кои беа длабоко заглавени поради неодговорното однесување на претходната власт и заради политичката криза.

– Очекувам 2018 година да донесе нови значајни позитивни промени во остварувањето на стратешките, евро-атлантски цели на државата и во квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија. Разговорите со Република Грција ги поставивме на пријателско и достоинствено ниво и моите очекувања се дека водат кон решение што носи добра иднина за граѓаните на Македонија и на Грција, но и на целиот регион, потенцирал Заев.

Во очекување на телефонскиот разговор Заев – Ципрас и услогласување на сите технички прашања од еветуалниот договор, грчката телевизија Action24“ ја објави анкетата што за неа ја изработила агенцијата „Rass“, според која речиси половина од анкетираните Грција се согласуваат дека грчката влада треба во овој момент да се стреми кон постигнување решение на прашањето за името.

На прашањето „дали се согласувате или не со мислењето дека условите за решавање на скопското прашање се поволни и владата треба да се стреми кон негово решавање сега“, 43,8 отсто од анкетираните одговориле дека се согласуваат, а 4,5 отсто дале одговор „веројатно се согласувам“, 40,7 отсто рекле дека не се согласуваат, а 3,2 отсто оти веројатно не се согласуваат. Одговор не дале 7, 8 отсто.

Според деталната анализа на истражувањето, од оние кои што поддржуваат решение во овој момент, мнозинството се жени (51,9 отсто), на возраст од 17 до 34 години (60,1 отсто), на последните избори гласале за СИРИЗА (55,2 отсто), а местото на живеење им е во јужниот дел на Грција (58,9 отсто).

Од друга страна, тие што не се согласуваат или веројатно не се согласуваат со ставот дека условите се поволни за решение, се на возраст од 35 до 44 години (50,3 отсто), мнозинството се мажи (50,6 отсто), на последните избори во 2015 гласале за Нова демократија (59,3 отсто), а живеат во северна Грција (48,3 отсто).

Во однос на политичката сцена во Грција, опозициската Нова демократија и понатаму е во предност пред владејачката СИРИЗА со разлика од 10.3 отсто.

Претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис е најпопуларен лидер на политичка партија во Грција, а во однос на тоа кој е посоодветен за премиер, дали тој или актуелниот Алескис Ципрас, Мицотакис има предност од 10,7 отсто.

Во истражувањето на агенцијата „Rass“ за грчката телевизија „Action24“, спроведено од 29 до 31 мај, биле анкетирани 1.002 лица преку телефонски интервјуа.

Актуелно