Connect with us

Македонија

Николовски: Поттикнуваме поголема искористеност на финансиските средства од ИПАРД фондовите

Во фабриката за преработка на овошје и зеленчук „Ксенос“ во Демир Хисар денеска е отворена нова производна линија за мрзнење овошје и зеленчук, со кофинансирање од ИПАРД 2 програмата.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека вкупната инвестиција е над 900.000 евра, од кои 470.000 евра финансии на фабриката, а 430.000 евра се обезбедени од ИПАРД II програмата, преку мерката „Инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделските и рибните производи“.

Како што навел при посетата министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, радува тоа што што домашните стопанственици се охрабруваат за инвестиции кои најмногу значат за развојот на агросекторот, особено кога при тоа се користат и расположливите финансиски средства од европската ИПАРД Програма.

– Преку вакви производствени капацитети овозможуваме да се зголемува откупот на земјоделските производи, добиваме производи со додадена вредност, се зголемува извозот на земјоделско-прехранбени производи и истовремено се отвораат нови работни места. Ова е и целта на политиките на Владата на Република Македонија и мерките кои што ги преземаме во овој период, рекол министерот Николовски, соопшти МЗШВ.

Компанијата „Ксенос“ 25 години работи во областа на мрзнење на вишни, пиперки и сливи, сушење и пакување шумски печурки и за преработка на овошни производи за чоколадна индустрија, како и за производство на овошен алкохол. деведесет проценти од производството е насочено кон извоз на европските пазари.

Од МЗШВ истакнуваат дека ја препознаваат економската важност на ваквите инвестиции. Во тој контекст, наведуваат дека постојано се работи на јакнење на административните капацитети во процесите на подготовка и евалуација на потребната документација при аплицирањето за средства од ИПАРД фондовите.

– Оваа година ќе бидат објавени нови повици на кои индивидуалните земјоделци и агрокомпаниите ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка. Заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој се преземаат мерки за создавање на поволни услови и полесни административни процедури за потенцијалните корисници и се надеваме на што поголема искористеност на европските фондови, а целта е да се зголеми портфолиото на мерки кои ќе бидат финансирани со ЕУ фондови и ќе бидат достапни до македонските земјоделци и агробизнисмени, информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Актуелно