Connect with us

Актуелно

(ВИДЕО) Крај на спорот со името – Димитров и Коѕијас го потпишаа договорот

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Псарадес ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, јави известувачот на МИА.

Со договорот е предвидено ерга омнес име за земјава, Република Северна Македонија.

На свечената церемонија, во чие подготвување беа вклучени повеќето жители на ова мало рибарско место од грчката страна на Преспанското Езеро, присуствуваат и високи претставници на меѓународната заедница, медијаторот на Обединетите нации во решавање на спорот, Метју Нимиц, чија кариера меѓу другото ја одбележа посредувањето меѓу Македонија и Грција во обидите да се изнајде решение.

Тука беа и потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации Розмари Ди Карло, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и заменик-претседателка на Европската комисија, Федерика Могерини, како и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.

Во македонската делегација освен премиерот Заев и шефот на дипломатијата Димитров, беа и вицепремиерите – министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, министерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Церемонијата се одвиваше под зајакнати мерки за безбедност, а на неа присустваат голем број новинари, од Македонија, Грција, но и од други земји.

По потпишувањето, официјалната средба на двете делегации продолжи на македонска страна на Преспа, во Отешево, каде што ќе има билатерален разговор и свечен ручек.

Актуелно