Гутереш: Насилството во Газа предупредување дека ситуацијата е на раб до војна

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш смета дека зголеменото насилство во Газа претставува предупредување за сите „дека ситуацијата е многу блиску до работ на војна“.

Тој повика Израл и Хамас во Газа да го продолжат прекинот на огнот со кој во 2014 година беше ставен крај на војната меѓу нив.

Гутереш во писмен извештај поднесен до Советот за безбедност истакнува дека е „шокиран“ од употребата на куршуми од страна на израелската армија во протестите во Газа.

Од почетокот на протестите на 30 март, убиени се 132 Палестинци, а над 13.000 се повредени, покажуваат податоци на Меѓународниот Црвен крст. Гутереш остро ги осуди активностите на сите страни кои доведоа до опасна ситуација во израелско-палестинскиот конфликт.

Палестинците во Газа протестираат против израелската блокада врз енклавата која трае повеќе од 10 години и бараат да се вратат во своите родни места од каде избегаа или беа протерани при создавањето на Израел во 1948 година.