Connect with us

Македонија

Шекеринска очекува позитивни одлуки за Македонија во следните две недели

Она што ќе се случува во наредните две недели ќе има широки и долгорочни последици, позитивни очекуваме по безбедноста и политичката клима во Република Македонија. Добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ и добивањето покана за членство во НАТО ќе бидат мотив плус да продолжиме со овие засилени реформски приоритети за кои убедени сме ќе ја добиеме и поддршката на Собранието.

Ова го истакна вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска во своето обраќање на отворањето на Годишниот состанок на претставниците на комисиите за одбрана и безбедност од парламентите на земјите на Југоисточна Европа, чиј домаќин е Комисијата за одбрана и безбедност на македонското Собрание во соработка со Центарот за безбедносна соработка – РАКВИЈАК.

Таа посочи дека постигнатите договори со Бугарија и со Грција се резултат на новите владини политики кои даваат висок приоритет на регионалната стабилност и мирот и активната работа на безбедносната соработка.

Претседателот на Собранието на РМ Талат Џафери меѓу другото се осврна на договорите со Грција и со Бугарија со кои, според него, Република Македонија не само што ги уреди билатералните односи со соседите, не само што го деблокира својот пат кон евроатлантските организации, туку дава историски придонес во стабилноста, мирот и евроатлантската перспектива.

– Западен Балкан се помалку лични на буре барут и мислам дека сите заедно му даваме многу јасна европска перспектива. До ова се дојде со политичката волја на актуелните политички лидери и актуелните влади овие проблеми и антагонизми да се решат. До решението се дојде само преку дијалог и отвореност на аргументите и на едната и на другата страна. Законот за ратификација на Договорот со Грција помина во Парламентот. Јас очекувам дека и сите други државни институции, вклучително и претседателот на државата ќе го почитуваат Уставот и парламентарната демократија. А дали овој Договор ќе биде имплементиран или не, сепак на крајот ќе одлучат граѓаните на референдум, а ние како одговорни политичари таа волја ќе мора да ја почитуваме, рече Џафери.

На форумот се обрати и директорот на РАКВИЈАК Хајдар Берг, а го отвори претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност при македонското Собранието, пратеникот Хари Локвенец.

Актуелно