Пендаровски: Само НАТО е добра перспектива за Македонија

Освен НАТО, сите други алтернативи не се добри за Македонија. Малите држави влегуваат во сојуз со големите држави, ако си мал не можеш да опстанеш, порача денеска Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски на дебатата „Позитивните и негативните аспекти од зачленувањето на Македонија во НАТО“ во Институтот за стратегија и развој.

Договорот со Грција за решавање на спорот со името, Пендаровски го оцени како најдоброто нешто што можевме да го имаме во овој политички контекст.

– Од една страна имавме посилен противник, со сите ресурси и со сета своја дијаспора, и од друга страна излеговме од десетгодишен автократски режим што ја руинираше и ја отежна преговарачката позиција, оцени Пендаровски.

Во врска со претстојниот референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат за Договорот со Грција, и дали ќе се менува цензусот, тој смета дека “не е добро да се менуваат изборните правила во очи на самиот настан“.

– Референдумското прашање, формулацијата, прво треба да биде решено во Парламентот. Натаму треба да се реши каков ќе биде типот на референдум – дали ќе биде задолжителен или консулативен, кој навистина ќе учествува во референдумот. Било каков облик на референдум да биде избран, одлуката што ќе ја донесат граѓаните ќе биде задолжителна, смета Пендаровски.

Доколку евентуално на референдумот граѓаните се изјаснат со „не“ за Договорот со грција, Пендаровски смета дека во тој случај преговорите ќе продолжат во идно време, со друга генерација на политичари.

Смета дека потегот на претседателот Ѓорге Иванов да не го потпише законот за ратификација на Договорот со Грција, бил очекуван.

Тој подетално се осврна на придобивките од влезот во НАТО, за соработката на земјава со Алијансата и за нејзиното присуството во Македонија уште од конфликтот во 2001, со свои три мисии.

Пендаровски, во тој контекст рече дека благодарение на размената на разузнавачки информации со земјите од Алијансата, на територијата на Македонија се спречени два напада во изминатите 18 месеци, како и еден напад во еден голем западноевропски град е спречен откако македонските служби добиле податок од повратник од Сирија.

Коментирајќи го руското влијание врз македонската политичка сцена, вели дека руското присуство е засилено во изминатите три години и тоа е неспорно и легитимно, но сега првпат се јавуваат партии во земјава кои се декларираат проруски.

Смета дека земјава треба да гледа каде е нејзиниот стратешки интерес и оти влезот во НАТО нема да претставува ниту загрозување, ниту закана за Русија.