Заев до премиерите од ЕУ: Одлуката за преговори пресудна за Договорот со Грција и иднината на Македонија

Премиерот Зоран Заев упати писма до премиерите на земјите членки на Европската унија во кое ги повикува своите колеги да поддржат одлука за старт за пристапни преговори на Република Македонија со ЕУ со временска рамка на процесот, како одлука заснована на заслуги, и како одлука која е одамна заслужена.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев во писмото ги известува премиерите на членките на ЕУ за постигнатиот Договор за решавање на разликата околу името и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу Република Македонија и Република Грција.

– Договорот претставува историска можност за надминување на спорот што ги оптоварува односите меѓу двата соседи повеќе од 25 години, и го попречуваше нашиот пат кон евро-евроатланска интеграција, се вели во писмото на премиерот Заев до неговите колеги од ЕУ.

Заев информира во писмото и за чекорите што треба да се преземат за да се обезбеди стапувањето во сила на договорот, и ги запознава премиерите дека е веќе извршена ратификацијата на Договорот во Собранието на РМ, по што следува известување од страна на Грција до ЕУ дека таа го поддржува отворањето на пристапните преговори за нашата земја, како и поканата за членство во НАТО.

Премиерот во писмото до премиерите на земјите членки на ЕУ известува дека на есен ќе биде одржан референдум за поддршка на договорот, по што ќе следи и спроведувањето на постапката за уставни промени.

– За да се обезбеди реализацијата на договорот и потенцијалните придобивки од него за двете земји, за регионот на Југоисточна Европа и за Европа како целина, од огромно значење е политичката поддршка на земјите-членки на ЕУ, за да ја потврдат со конкретни мерки стратегиската визија за европската иднина на мојата земја и целиот регион, истакнува во писмото премиерот Заев.

Затоа, се вели во писмото на премиерот, „во пресрет на претстојниот Европски совет, ја барам вашата поддршка за одлука за почеток на пристапните преговори со Република Македонија“.

– Со таквата одлука ќе биде оддадено признание за евидентните реформски процеси и ќе го олесни понатамошното продлабочување на реформскиот импулс. Покрај тоа, таквата одлука ќе има пресуден придонес во создавањето на неопходната позитивна клима за успешно завршување на секој од чекорите предвидени во Договорот за да спроведе деликатно избалансираниот компромис за решавање на долготрајниот и комплексен спор, нагласува премиерот Заев во писмото до своите колеги, премиери на членките на ЕУ, и наведува дека со нетрпение ја очекува драгоцената поддршка за донесување на одлука за отворање на преговорите за пристапување на Македонија со ЕУ претстојниот состанок на Европскиот совет.