Connect with us

Видео

ВИДЕО: ГДУ предлага да се намали бројот на пратеници и да има една изборна единица

Граѓанско демократската унија предлага нов изборен модел, за што подготвива и проект кој на прес-конференција го презентираше претседавачот на Националниот Комитет на ГДУ, Ѓорѓи Трендафилов.

Од ГДУ предлагаат евентуалната промена на Уставот да се прошири и на членот 62 со што бројот на пратеници во Собранието да се намали од 120 на 90.

– Собранието на Република Македонија треба да има 90 пратеници, избрани според пропорционалниот изборен систем, во кој територијата на Република Македонија претставува една изборна единица – посочи Трендафилов.

Во проектот „Фер изборен процес“ ГДУ предвидува предлог листа за пратеници предложена од група граѓани (независна листа) да се избираат без цензус.

За предлог листа предложена од една политичка партија, потребниот цензус за избор на пратеници да биде 3 отсто од излезените гласачи, а за предлог листа предложена од две политички партии кои настапуваат како коалиција, потребниот цензус за избор на пратеници да биде 5 отсто од излезените гласачи. За коалициите од повеќе од две партии, цензусот да биде 7 отсто.

– Кандидатските листи да се отворени, што значи дека избирачот освен што ќе може да избира за која листа ќе гласа, ќе може да се изјасни и за кои кандидати на избраната листа ќе го даде својот глас. Последното место на гласачкото ливче да биде резервирано за „Ниту еден од горе наведените” – рече Трендафилов.

Тој посочи дека пропорционалниот изборен модел е застапен во 20 земји членки од ЕУ од вкупно 28, а во 17 од тие 20 има отворени листи според системот што тие го предлагаат.

Актуелно