Connect with us

Македонија

(ВИДЕО) Заев: Сите кои останавме на лидерската средба сме за успешен референдум

Оваа лидерска средба ја свикавме за да одлучуваме заедно и за да избереме стабилност, безбедност и иднина – наместо омраза, поделби и минато. Граѓаните очекуваат од нас мудри и државнички одлуки. Наша највисока патриотска должност е да им ја обезбедиме иднината на граѓаните. Вечерва, ние, партиите кои сме за НАТО и ЕУ, се обрзуваме дека тоа ќе го исполниме. А, граѓаните, на референдум ќе одлучат и ќе кажат да за својата иднина, рече премиерот Зоран Заев на прес конференција по лидерската средба.

-Сите ние, кои останавме посветени до крај на оваа лидерска средба, сите сме за влез на Македонија во НАТО и ЕУ. Заедно, сме за успех на референдумот на кој ќе одлучуваат граѓаните. Потенцирам, сите што останавме сме за успешен референдум како процес. Вечерва разговарав со лидерите на политичките партии и ги информирав за можната формулација на референдумското прашање кое би се движело во следнава насока: „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО, со приќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“, рече Заев.

Тој вели дека изразената волја на граѓаните на референдумот ќе биде конечна за сите политички чинители, а напуштањето на Мицкоски го коментираше како несериозно, неодговорно и навредливо кон сите политички субејкти во Република Македонија.

-Ако е Мицкоски за НАТО и ЕУ, и за просперитетна иднина на Република Македонија, тој вечерва требаше да седи, рамо до рамо, со лидерите на политичките партии и да носи одлуки во интерес на граѓаните на нашата земја. Наместо тоа, Мицкоски одлучи да избега од лидерската средба, а со тоа и да избега од одговорноста за ова историски најважно прашање за македонската иднина. Што е тоа што Мицкоски не сакаше да го каже пред сите политички лидери, а е спремен да го каже на лидерска средба во помал состав? Но, јас сум широк човек. Прашањето е премногу вредно за Македонија и вреди да се разговара и понатаму. Затоа, утре, во 12:00 часот, закажувам уште една лидерска средба, во помал состав, на којашто Мицкоски ќе има уште една можност да се изјасни за тоа дали е за Македонија во НАТО и ЕУ и дали е за тоа граѓаните непречено да одлучуваат за иднината на Македонија. Ние сме тука, обединети, да покажеме дека ќе одиме напред и ќе успееме да донесеме подобра иднина за сите граѓани. Република Македонија продолжува напред. Кажуваме ДА за македонската иднина, рече Заев.

Актуелно