Обвинителството оформило предмет за грантовите од Фонд за иновации

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по допрен глас оформило предмет по добрен глас за евентуални злоупотреби при доделувањето на грантови од Фондот за иновации.

„Обвинителството презема дејствија за утврдување на факти во предметот, а во врска со евентуални сторени кривични дела во постапката по јавен повик за финансирање проекти во рамки на третиот столб од Планот за економски раст – прв инвестициски бран“, велат од обвинителството.

Претходно, од Фондот за иновации и технолошки развој изјавија дека целосно стојат зад процедурата и транспарентниот начин на кој е спроведен првиот јавен повик од Столб 3 на Планот за економски раст на Владата на Република Македонија.

„Ги поздравуваме сите повици да се испита работата на Фондот и ги повикуваме сите надлежни органи да го сторат тоа неодложно. Како и досега остануваме целосно транспарентни и отворени за одговор на сите прашања и дилеми кои се поставуваат во јавноста“, изјавија од Фондот.

Јавноста и медиумите бурно реагираа отако меѓу добитниците се најдоа фирмите на вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратеникот Хари Локвенец.