Connect with us

Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Изборот е ЕУ и НАТО, но и одбрана на националните и државни интереси

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение вели дека државните и националните интереси не смеат да бидат „монета за поткусурување со која што премиерот Зоран Заев ќе си плати амнестија за криминалот“.

Државните и националните интереси не смеат да бидат ниту димна завеса со која што ќе се покрие масовниот грабеж кој во моментов го спроведува криминалниот картел. Не смее да се менува името и Уставот на државата само за да се украдат стотици милиони евра, како што гледаме деновиве дека се случува. Народот сфати дека виткањето кичма е утринска гимнастика на Зоран Заев за да биде подготвен за прифаќање на сите грчки црвени линии наведени во таканаречената Спогодба со Хеленската Република. Граѓаните ја сфатија играта и преземените обврски на Заев за обезличување на македонската посебност со губење на историјата и идентитетот, преку обезличување на секоја државна институција што се именува како македонска“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, договорот со Грција прави „вештачка нација“, а власта се обидувала да направи насилство кое не соодветствува со европските демократски процеси.

„ВМРО-ДПМНЕ како одговорна опозиција застана зад реформските процеси и како секогаш даде најголем продонес во процесите кон евроатланските интеграции. СДСМ го прекршија зборот, го истрошија времето на граѓаните и сега повторно се преговара за истите работи договорени во март годинава. За разлика од СДСМ и нивниот лидер, ВМРО-ДПМНЕ останува на зборот и на тоа што значи одбрана на највисоките национални и државни интереси. За ВМРО-ДПМНЕ изборот е ЕУ и НАТО, но и одбрана на националните и државни интереси. ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе остане на страната на демократијата и ќе се бори да не биде изиграна вистинската волја на граѓаните со изигрување на гласачкиот процес или доведување на граѓаните во заблуда со двосмислени прашања. Затоа и ВМРО-ДПМНЕ бараше еднакви можности за фер и демократска атмосфера за следните парламентарни избори. Без сомнеж, граѓаните веќе знаат што да изберат, а само така, во фер и демократска атмосфера и вистинско почитување на волјата на граѓаните, расипничката власт на СДСМ ќе замине, а Република Македонија ќе победи“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Актуелно