Connect with us

Македонија

(ВИДЕО) Заев од Мостар: Промовираме како лидерите се издигнуваат над предрасудите за доброто на граѓаните

Премиерот Зоран Заев присуствуваше на традиционалната манифестација во Мостар, „Mostar Peace Connection“, на којашто имаше свое обраќање како минатогодишен добитник на наградата „Мостарска повелба за мир“, за промоција на соработката, градењето мостови и поврзување меѓу луѓето во својата земја, Македонија, регионот и светот.

Премиерот Заев им честиташе на овогодинешните добитници на наградата, премиерот на Грција, Алексис Ципрас и на Црна Гора, Душко Марковиќ, посочи дека успесите на Македонија се должат на неговото храбро лидерство, но и на пријателската соработка во регионот и принципиелната поставеност на меѓународната заедница што резултираше со покана за пристапни преговори на нашата држава во НАТО и најава за датум за преговори со ЕУ во јуни 2019 година.

Во обраќањето пред бројните присутни, сегашни и поранешни добитници на оваа значајна награда што се доделува симболично пред обновениот Стар мост во Мостар, лауреати, политичари, значајни личности кои дале придонес во промоцијата на мирот од БИХ, регионот и пошироко, пред бројните присутни премиерот Заев рече:
„Честитки мои драги пријатели Алексис и Душко. Честитки и за другите лауреати и добитници. Во градот на победата на мирот над немирите, соживотот над поделбите, градот – мост на бројни, цврсти, светски пријателства, во убавиот Мостар, да се добие награда за придонес кон мирот, поврзувањето и меѓусебното почитување, „Мостарската повелба за мирот“ – тоа е огромна заслужена чест. Ќе додадам, и огромна одговорност, да се остане достоинствен претставник на овие вредности. И да се биде дел од оваа значајна манифестација, драг Денис Звиздиќ, претседавач со Советот на министри на БИХ, почитувани организатори од Центарот за мир и мултиетничка соработка и почитувани граѓани на Мостар и на Босна и Херцеговина, е исто така огромна чест и огромна одговорност за сите нас кои сме присутни вечерва овде“.

Тој истакна дека никој сам не опстојал и сам не успеал, а човек на човек му е потребен, сосед на сосед, држава на држава.

– Тоа е светот, мотивирачки, охрабрувачки различности во едно, коишто се надополнуваат и на тој начин се развиваат и придонесуваат за развојот на другиот. Ние, лидерите од регионот го направивме ова за што зборувам. Се поврзавме меѓусебно, покажавме достоинствена почит едни за други, завртевме грб на она што нè дели и го дофативме она што нè поврзува. Тоа што нè поврзува е заедничката иднина на нашите граѓани, на регионот и на светот. Тоа што нè поврзува е потребата за стабилност, сигурност и безбедност, а со тоа и економски придобивки, за нашите граѓани и нашите држави. Нашиот регион, ако е стабилен, безбеден и развиен, и Европа ќе биде стабилна, безбедна и развиена. Европа ако е стабилна, безбедна и развиена, ќе придонесува кон стабилен, безбеден и развиен свет, изјави премиерот.

Вели, по наградата за мир која ја доби лани чувствувал одговорност да продолжи со уште поголем ентузијазам и верба да гради пријателства и да создава иднина.

– Низ овие мои заложби, со огромната поддршка од моите граѓани, со моите соработници во Владата на Република Македонија, со поддршката од пријателите од регионот, со вас кои сте тука и со оние кои не се овде, со пријателите од Европа и светот – мојата држава успеа да добие покана за почеток на пристапни преговори со НАТО и датум за почеток на преговори за членство во ЕУ во јуни 2019 година. Ете пример како се може, само заедно и зошто се неопходни мостовите. По мирната разврска на политичката криза, ние сме посветени кон должноста Владата да биде сервис на граѓаните и да ги реализира промените што ги избраа граѓаните. Резултатот на тие промени се повисок животен стандард, економски просперитет, членство во Европската унија и на НАТО. Затоа верувам дека нашите граѓани, заедно и сплотено ќе ја реализираат до крај својата визија, низ успешен референдум што пресвртно ќе влијае на подобрување на квалитетот на сечиј живот“, рече Заев.

Актуелно