Директорот на Фондот за иновации на прес конференција ќе даде отчет за грантовите

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски во 13:30 часот ќе одржи прес конференција за доделените грантови.

Прес конференцијата на Деспотовски доаѓа откако меѓу фирмите кои добија грантови од државни пари се најдоа и оние на вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратеникот од редовите на СДСМ, Хари Локвенец, кои јавно истакнаа дека фирмите ќе се повлечат од грантовите.

Вчера вицепремиерот Анѓушев на прес конференција изјави дека тој се повлекол од сите функции и фирми во кои било спорно да биде на челна позиција, но го постави прашањето дали треба поради неговата функција во Владата, сите инженери во фирмата да бидат оштетени.

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција вчера изјавија дека по допрен глас оформиле предмет за евентуални злоупотреби при доделувањето на грантови од Фондот за иновации.