Телма: Убиецот на Мартин Нешкоски месец и пол се лекува надвор од затвор

Наместо во Идризово, поранешниот полициски специјалец Игор Спасов повеќе од месец дена е на слобода откако затворските власти и штипскиот суд му го прекинале издржувањето на затворската казна од здравствени причини, пренесува телевизија Телма.

Спасов во јуни 2011-та го изврши убиството на Мартин Нешкоски, ноќта по парламентарните избори на прославата нс скопскиот плоштад. Спасов на 22-ри јуни бил пуштен откако барањето му го прифатиле од Управата за извршување на санкции.

– Во медицинскиот наод, е наведено дека актуелната здравствена состојба кај осуденото лице се следи суспектен наод на липоматозна туморозна формација која дијагностички треба да се потврди, а заради која прекинот на казната е одобрен, велат за Телма од Управа за извршување на санкции.

Управата му дозволила 15-дневен прекин, но Спасов барал уште еден месец кој му бил одобрен од штипскиот суд. Од судот во Штип за Телма потврдиле дека прекинот на казната му е продолжен од 7-ми јули до 6-ти август кога мора да се појави на капијата во Идризово и да се врати да го доиздржи остатокот од казната. Досега одлежал 7 години или половина од пресуденото.

Спасов, како што пренесува телевизијата во барањето до судот во Штип навел дека за 15 дена не успеал да ги изврши сите прегледи и доставил документи дека има закажано прегледи и магнетна резонанца во текот на овој месец. Поранешниот тигар е осуден за убиството на Мартин Нешковски пред седум години кога како дел од обезбедувањето на тогашниот премиер Груевски имал инцидент со младиот скопјанец кој заврши трагично.

Спасов на судењето тврдеше дека не го убил Нешковски, но беше осуден. Кога новиот премиер Заев го посети Идризово, владината прес служба објави фотографија како Спасов се поздравува со него.

Од семејството на убиениот Нешковски и понатаму бараат да се испитра командна одговорност која довела до убиството. Во мај 2015-та кога Заев ги објави бомбите за Нешковски избија големи протести со инциденти и повредени, но иако тогаш се бараше одговорност за политички и полициски функционери досега законот не се позанимава со никој од нив.