Connect with us

Актуелно

ВИДЕО: Над 70 жртви во Грција, огнот никако да се стави под контрола

Оган и чад се уште може да се види во грчката област Атика и околината на Атина – пожарот не може да се стави под контрола поради ветерот. Бројот на жртви засега е искачен на 74. Дури стотина лица се водат како исчезнати, а повеќе од 100 луѓе се повредени.

Државните знамиња на Грција сега се на половина копје, бидејќи власта обајви тридневна жалост. Од шест часот вчера, до шест часот утринава во Грција биле регистрирани дури 47 пожари.

– Грција минува низ неискажлива трагедија, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој истакна дека ќе се најдат сторителите и ништо нема да остане така.

Жителите велат дека дел од населбите околу Атина веќе не постојат и сведочат за пеколни сцени. Мати и Каламос се целосно уништени.

– Во болниците во Атика досега се згрижени 156 возрасни лица, од кои 11 се во сериозна состојба и се поврзани на апарати и 16 деца чии животи не се во опасност, изјави Димитрис Ѕанакопулос, портпарол на грчката Влада.

Грчките власти стравуваат дека пожарите биле намерно подметнати. По наредба на обвинителката на Врховниот суд на Грција, Ксени Димитриу ќе биде спроведена детална истрага. Европската комисија најави дека ќе го активира Европскиот механизам за цивилна заштита.

Премиерот Зоран Заев испрати порака до неговиот грчки колега Ципрас по повод големата трагедија.

„Нашите граѓани со длабока тага ги примаат вестите за големите загуби и жртви од катастрофалните пожари во Грција, во околината на Атина. Изразуваме сочувство до пријателскиот грчки народ и длабока жалост за загубените животи до сите семејства кои во оваа ужасна трагедија загубија свои блиски и пријатели. Со одлука на Владата на Република Македонија денеска издвоивме 6 милиони денари како интервентна помош која ја ставаме на располагање на грчките владини институции одговорни за справување со пожарите“, пишува Заев.

Актуелно