Државата ќе ги врати парите за новиот Клинички без пенали

Република Македонија ќе варти 70 милиони евра во Банката на Советот на Европа, пари кои беа наменети за изградба на новиот клинички центар. Од септември, Владата и експерти од Европската комисија ќе почнат да наоѓаат решение за нов Клинички центар кој ќе има современа здравствена услуга.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски на собраниската Комисија за финансирање и буџет рече дека парите се враќаат без Македонија да плати пенали и истакна дека договорт е склучен на 97 милиони евра. Оние 70 кои се враќаат се наменети за новиот Клинички центар во Скопје, додека 27 се за Клиничката болница во Штип, проект кој веќе се реализира.

Министерот за здравство, Венко Филипче истакна дека парите за скопскиот Клинички центар се враќаат зошто немало добро сообраќајно решение и не можело да се даде современа здравствена услуга. Тој додаде дека пациентите сега се разнесуваат од една до друга страна со колички, а тоа ќе останело затоа што повеќето згради немало да се менуваат.

Тој појасни дека не е суштината дали се запира добар проект, посочувајќи дека заемот е даден без соодветна здравствена анализа.