Адвокатот Тасевски ќе и откаже полномошно на Јанкулоска за „Тенк“

Адвокатот Боро Тасевски најави дека ќе и го откаже полномошното на екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска бидејќи брани повеќе обвинети во предмети на СЈО за кои рочиштата се поклопуваат.

Единствен бранител на Јанкулоска за „Тенк“ останува адвокатката Сања Алексиќ, која исто така е бранител во неколку други предмети, а денеска побара одложување на предметот „Насилство во Центар“ за да ја брани Јанкулоска во одвоената постапка за мерцедесот, за која има пресуда за екс премиерот Никола Груевски и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски.

Тасевски и Алексиќ за „Тенк“ се појавија со 20 минути доцнење, а судијката Добрила Кацарска се закани дека ако не се појават набрзо ќе ги казни со високи парични казни, а на Јанкулоска ќе и одреди адвокат по службена должност.

На денешното рочиште за „Тенк“ исказ треба да дадат шест сведоци.