Connect with us

Македонија

Заев: Придобивките од ЕУ и НАТО ќе пристигнат многу брзо ако гласаме „за“

Стоиме пред еден настан што ќе влијае на годините што доаѓаат. Коалицијата „Заедно за европска Македонија“ е движење од граѓани, граѓански организации, синдикати, стопански комори, кои на претстојниот референдум сме согласни да ги повикаме граѓаните да гласаат за европска Македонија, рече премиерот Зоран Заев на најавата на кампањата „За европска Македонија“.

– Заедно сме собрани околу стотина субјекти и очекуваме таа бројка да расте. Само еден настан во поновата историја може да се спореди со предизвикот кој не очекува, тоа е предизвикот кога гласавме за независна Република Македонија. Постои една линија кои ги поврзува овие два датуми, тоа се големи чекори кои ги преземаме како одговорни граѓани, рече Заев.

Заедно ќе ги обезбедиме нашите граници, ќе добиеме сигурна перспектива за нашата земја како членка на Европската Унија и НАТО. Во она што сум сигурен е дека и на овој референдум ќе ја обезбедиме иднината со консензус, истакна Заев.

Тој рече дека оваа историска шанса ни помага да се обединиме и да тргнеме на последниот марш кон ЕУ и НАТО.

– За таа цел формиравме коалиција што ја прифаќа оваа промена и оваа нова надеж. Оваа коалиција е отворена за секој кој верува дека ова е нашата иднина. Ги повикувам сите да се приклучат на тој пат. Кога велам сите, мислам на сите. Јас сум уверен дека и ВМРО-ДПМНЕ, која долго време е поборник за нашата интеграција во ЕУ и НАТО има силни причини да се приклучи. Критикувајте не за договорот со Грција, но немојте да ја пропуштите оваа шанса, нашата земја да стане членка на ЕУ и НАТО. Ние можеме да продолжиме со нашите политички битки, но за иднината на Македонија сите треба да бидеме едногласни. Ги повикувам господинот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да покажат дека иднината на Македонија е над таквата политика, нагласи премиерот.

Според него, од денеска ќе почнат да објаснуваат дека македонско-грчкиот договор е договор за нашата иднина. Вели, придобивките нема да пристигнат за 10 или 20 години, туку придобивки кои секое семејство ќе ги почуствува многу брзо доколку граѓаните гласаат „за“ на референдумот.

– Имаме добри примери на кои може да се угледаме од земји кои веќе се приклучија на Европската Унија. Во земјите дојде до двојно зголемена плата и двојно повеќе вработувања. Со ЕУ и НАТО иднината ни е обезбедена, рече Заев.

Актуелно