Ристовска: Мијалков ја предводел групата која прислушувала, контролирал и вршела надзор

Судот го одби барањето на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков и Валентина Симоновска обвинети во случајот „Таргет-Тврдина“ да не им се суди поради аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов.

Судијката Џанета Бегтовиќ образложи дека барањето е одбиено бидејќи при оцена на обвинителниот акт било одлучено за оваа околност, односно дека обвинетите не се амнестирани.

Обвинителката од Специјалното јавно обвинителство Ленче Ристовска рече дека судењето за аферата со прислушување на илјадници телефонски броеви во Македонија ќе ја испише новата историја, ќе го обележи времето и ќе остави порака за идните генерации. Таа потсети дека кога Зоран Заев, во 2015 година како опозиционер почна да ги објавува прислушуваните разговори кои во себе криеја заговори за злоупотреба на државните функции и народните пари, луѓето само потврдија дека илјадници граѓани биле предмет на следење.

– Ќе докажеме дека Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ, раководени од желбата за сеопфатна контрола на протекот на информациите, за да стекнат предност во политичка и бизнис сфера, формирале злосторничко здружување, кое преку континуирана злоупотреба на системите за следење на комуикациите, во УБК, вршеле масовно незаконско прислушување, рече обвинителката Ристовска.

Според неа, нив им се приклучиле и обвинетите Владимир Варелов, Васил Исаковски, Маријан Шумуликовски и сведоците, Маријан Јанкуловски и Звонко Костовски.

– Обвинетиот Мијалков како директор на УБК бил организатор на групата и ги држел под контрола и надзор сите учесници, а воедно и самиот незаконски ги следел комуникациите на дел од граѓаните, а имал и преглед на сите броеви кои биле следени. Грујевски како негов најблизок соработник ги проследил барањата и намерите на Мијалков до Николиќ, која ги распоредувала улогите на другите учесници.Таа давала и задачи кои телефонски броеви треба да бидат таргетирани и транскрибирани, истакна Ристовска.