Connect with us

Македонија

СЈО досега обработило 545.900 аудио фајлови од прислушуваните разговори

Специјалното јавно обвинителство на својата веб страница го објави шестиот извештај за својата работа. Според обвинителството, отворени се три нови истражни постапки за вкупно 26 лица.

До сега, обвинителството на Катица Јанева обработило 90% од прислушуваните материјални, односно 545.900 аудио фајлови од вкупно 606.555 фајлови.

„Воспоставените процедури и динамика на преслушување, анализа и обработка на вкупно 606 555 аудио фајлови со кои располага Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите продолжи и во текот на извештајниот период при што заклучно со поднесувањето на овој Извештај предмет на анализа беше содржината на 545 900 аудио фајлови, односно во обработка се 90% од вкупниот број на аудио фајлови со кои располага ова Јавно обвинителство“, наведуваат од обвинителството во извештајот.

СЈО особено внимание посветува на предметот „Таргет/Тврдина“ и одлагањата, бидејќи велат, е клучен за тоа кој, како и зошто прислушувал.

„Во оваа смисла, иако и е веќе добро познато на пошироката јавност неопходно е да го истакнеме одлагањето односно незапочнувањето на судењето за предметот „Таргет/Тврдина“ во однос на кој ова Јавно обвинителство обезбеди цврсти пред се материјални докази во поткрепа на обвинението за тоа кој, на кој начин и за кои цели незаконски прислушувал во Република Македонија. Особено е важно да потенцираме дека по однос на ова обвинение од вкупно закажани 6 рочишта, 5 беа одложени. Причините за одлагање се пред се заради недостапноста на двајцата клучни обвинети во предметот. Дополнително, иако обвинението беше одобрено во текот на месец септември 2017 година, главната расправа по истото започна дури по една година, односно на крајот на август 2018 година. Наведеното е исклучително важно да го потенцираме имајќи предвид дека суштината на овој предмет претставуваше појдовна точка за формирање на Специјалното јавно обвинителство“, стои во извештајот.

За ажурноста на судот, обвинителите се жалат и во останатите предмети, бидејќи како што велат, во оние случаи во кои немало одлагање, судењата се веќе завршени.

„Во извештајниот период по предметите оформени по поднесување на обвиненијата од вкупно закажани 177 рочишта по сите предмети, одложени се вкупно 54 рочишта, што претставува речиси една третина од вкупниот број на закажани рочишта. Во контекст на наведеното, по обвинителниот предлог по предметот познат како „Насилство во општина Центар“, судската постапка веќе трае 2 (две) години, што не е вообичаено за судење по обвинителен предлог. Ажурноста во судското постапување досега е единствено забележителна во судските постапки „Тенк“ и „Триста“, за кои немаше одлагање на рочиштата и веќе се донесени пресуди“, нотира СЈО во шестмесечниот извештај.

Целиот извештај на Специјалното јавно обвинителство може да го видите тука.

Актуелно