Уставен суд ја отфрли иницијативата за поништување на референдумот

Со седум гласа „против“ и два „ за“ уставните судии ја отфрлија иницијативата поднесена од Димитар Апасиев од Левица и Тодор Петров од Светскиот Македонски Конгрес за прогласување на одлуката за распишување на референдум за Договорот со Грција како неуставна и противзаконска

Излагањата и дебатата на уставните судии траеше нешто повеќе од два часа и секој од нив го соопшти својот став и мислење околу поднесената иницијатива за оценување на уставноста на референдумот.

Судиите Елена Гошева и Јосиф Јосифовски гласаа за прифаќање на иницијативата додека судсиите Дарко Костадиновски, Осман Кадриу, Вангелина Маркудова, Никола Ивановски, Насер Ајдари, Сали Мурати и Владимир Стојановски беа против.

Гошева, која беше судија известител, кажа дека референдумското прашање е нејасно и суштински погрешно бидејќи содржи повеќе прашања во него. Таа додаде дека не постои консултативен референдум за сојузништво, а спорно било и што Договорот од Преспа го потпишал министерот за надворешни работи бидејќи тој немал правно овластување за ваков тип на договори.

„Референдумското прашање: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот на Република Македонија и Република Грција“ е двосмислено, конфузно, збунувачко, сугестивно и збунувачко. Оваа одлука сметам е неуставна и предлагам времена мерка стопирање на активностите за референдумот, до донесување конечна одлука на Уставниот суд“, рече Гошева.

Спротивен став имаше судијата Костадиновски, кој како и Османи беше избран на предлог на претседателот Ѓорге Иванов.

„Прашањето е јасно и не е двосмислено. Предлагачот, Собранието, сака да ги консултира граѓаните. Трите прашања срочени во едно, имаат причинско последични врски. Тоа не ги доведува во заблуда граѓаните. А дали бил надлежен Димитров, не е тема на денешната иницијатива и расправа. Одлуката за распишување референдум е оспорена и е тема на расправа“, кажа Костадиновски.

Во текот на расправата судијата Јосифовски кој гласаше за прифаќање на иницијативата и прогласување на референдумот како неуставен обвини дека дел од неговите колеги биле повикани на разговор кој потоа влијаел на нивната одлука.

Преставниците на „Левица“ и СМК со критики на одлуката на судот, обвинувања за политички притисок и најава за бојкот.

Димитар Апасиев од „Левица“ смета дека станува збор за срамна одлука, побара да се испитаат наводите на судијата Јосифовски околу притисок и најави бојкот на референдумот како последна алатка за борба.

„Ова е срамен ден за владеење на правото во Македонија. Денес е погребана правната држава преку една политичка а не правна одлука. Бојкотот останува како единствено насилно средство за враќање на правната држава. Апелирам до истражувачките новинари да ги испитаат тврдењата на еден уставен судија дека бил повикан на разговор. Остануваме на ставот за бојкот како последно демократско средство за самоодбрана на граѓаните и за зачувување на правото за самоопределување и уставното име“, рече Апасиев.

За Петров, пак, одлуката на Уставниот суд само ја зацврстило волјата на граѓаните за бојкот.

„Очигледен беше притисокот врз судот. Одлуката на Уставен суд за нас е неприфатлива. Судиите во расправата беа контрадикторни. Сметаме дека одлуката на судот ја зацврсти вољата на народот за бојкот на референдумот. На 30-ти септември, народот ќе ја прослави одбраната на името на државата“, изјави Петров.

Од Владата соопштија дека нема да толкуваат или коментираат одлуки на Уставниот суд во ниту една ситуација.

„Тоа што го имавме ние за референдумот го кажавме повеќе пати. Сметаме дека тоа е највисокото демократско право на еден граѓанин во една слободна демократија“, изјави Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.

Политичките партии засега без став или реакции околу одлуката на Уставниот суд.

Извор: ВОА