Connect with us

Македонија

Сведок за крвавиот четврток: Добивавме наредби од месните комитети на ВМРО-ДПМНЕ, ама без уцени

На денешното рочиште во судница како сведок се појави Сашко Коцевски, вработен како самостоен референт на системот за електронско гласање во Собранието. Сведокот во судница раскажа дека откако пратеникот на Беса, Ибрахими Зекирија ја интонирал албанската химна, а по него Крсто Мукоски ја интонирал македонската химна, му било наредено да ги исклучи микрофоните во собраниската сала. Потоа од полицаец добил наредба да го исклучи и системот за гласање и да ја напушти седницата.

Во своето сведочење Коцевски рече дека од 1992 година бил активен член на ВМРО-ДПМНЕ и до 20 март присуствувал и на протестите на „За заедничка Македонија“. Како основачи на иницијативата сведокот ги посочи Богдан Илиевски, Игор Дурловски и режисерот Борис Дамовски.

За обвинетиот Илиевски овој сведок посочи дека имало реакции како што рече, зошто Бетмен е на протестите кога во 2013 година плукал по Никола Груевски. Според сведочењето на Коцевски, имало шпекулации дека обвинетиот Бетмен доаѓа на протестите поради финансиски причини.

За обвинетиот Дурловски сведокот посочи дека немал агресивен говор, туку само повик да се издржи додека не се остварат барањата.

Во врска со доаѓањето на протестите сведокот појасни дека работеле како војска.

„Ние како партија работевме како војска. Од општинскиот комитет се добиваа наредби до месните комитети, во 17 часот се доаѓаше пред владата, по слободен избор, без уцени, без делење сендвичи и без пари. Протестите ги водеа луѓе кои не се членови на партијата, а имаше многу реакции во врска со Бетмен зошто е тој тука“, тврдеше сведокот пред судот.

Целиот текст на: МКД.мк

Актуелно