Connect with us

Македонија

Вработени во Секјуриком без ангажман од први октомври, Мирчевски не ги прима на разговор

Петнаесетина вработени во австриската фирма Секјуриком се оставени во неизвесност што по први октомври, откако нивниот ангажман прекинува, а Службата за општи и заеднички работи не израчунала во оние кои ќе го продолжат ангажманот во фирмите со кои по тендерите ќе ги добијат обврските за чистење, тековно одржување и обезбедување на државните објекти.

Според информациите до кои дојде Ден, овие вработени барале средба со директорот на Службата за општи и заеднички работи, Пеце Мирчевски, но иако го чекале три часа, тој не сакал да ги прими и барал од нив прво да му испратат допис.

Вработени од Секјуриком претходно беа на средба со генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, по што беше одлучено најголемиот дел од нив да продолжат со работа во другите фирми кои ги добиле тендерите.

Пред пет дена, вработени од Секјуриком протестираа и пред Владата, но како што рекоа за Ден, тоа го направиле бидејќи не знаеле каде е седиштето на Секјуриком, бидејќи старото седиште кое се наоѓа на „Мал Ринг“ во Центар било празно. Како што претходно известивме, новото седиште на фирмата е во Кисела Вода.

Вработените веќе трет месец се без плата и без здравствено и пензиско осигурување, а од фирмата не им кажале ниту дека имаат анекс на договорот и дека треба да го одработат и месец септември, а тоа го дознале од министерствата.

Вчера обвинителството поднесе обвинение против екс директорот на СОЗР, Васе Доневски и сопствникот на Секјуриком, Волфганг Гампер.

Според обвинението, тие се товарат за злоупотреба на службената положба и буџетска штета од околу 10 и пол милиони евра. Во 2015 година, договориле јавна набавка за одржување на хигиена, тековно одржување, дактилографски услуги, противпожарна заштита и оперирање со телефонски централи. Доневски и Гампер постапиле спротивно на одредбите на законот за јавни набавки според кој оние што учествуваат во подготвување на тендерската документација не смеат да бидат понудувачи во постапката за доделување на јавната набавка.

Гампер, кој од неодамна е во бегство, преку е-маил комуникација за Ден изјави дека власта сака да му ги уништи бизнисите и деа тој не дал ниту евро на некој од претходната власт.

Актуелно