Обвинителката за 27 април: Не знам зошто би го викнале Груевски да сведочи, не беше во Македонија

Обвинителката во случајот за крвавиот упад во Собранието, Вилма Рускоска смета дека екс премиерот Никола Груевски не треба да биде повикан да сведочи за случувањата од 27 април зошто тој не бил во државата на тој датум.

Таа додаде дека не знае зошто одбраната би го викнала да сведочи и што би сведочел кога не бил во Собранието кога толпата влегла.

Рускоска смета дека во интерес на обвинетите е постапка да заврши што побргу.

– Не е точно дека рочиштата траат и по 13 часа, го следите судењето, знаете дека има долги пауза. Со ништо не е нарушено правото на одбрана на обвинетите. Бидејќи сите на почетокот се изјаснија дека не се виновни, тогаш во нивен интерес е да се заврши постапката за евентуално да докажат и да можат што побргу да бидат ослободени, изјави Рускоска.