(ВИДЕО) Спасовски: Македонската полиција е во период на коренити реформи

Mакедонската полиција e во интензивен период на коренити реформи во речиси сите области од нејзиното функционирање.

Според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, тоа е процес, неопходен и суштински, од аспект на воспоставување на поквалитетни вредносни, професионални, стручни и нормативни стандарди и критериуми во работењето на организационите единици на министерството, а сега, како што нагласи, особено е важно што и овој пат ја имаме целосната поддршка на мисијата на ОБСЕ во Скопје.

-Досегашниот ангажман на ОБСЕ во низата заеднички проекти, пред се во рамки на Министерството за внатрешни работи, ни дава за право искрено да веруваме дека и сега, заеднички, ќе направиме квалитетна основа за натамошното реформирање и развој на нашата полиција во современа, мобилна, транспарентна, стручно и професионално оспособена институција која што ќе биде достоен и кредибилен сервис на сите наши граѓани, рече, меѓу другото, министерот Спасовски на денешната средба на заедничките работни групи на претставници на МВР и ОБСЕ.

Министерството и ОБСЕ ќе работат на прашања поврзани со реформите во полицијата односно стратегијата за управување со човековите ресурси, изготвување на стратегија за вклучување на заедницата и стратегија за комуникација, ревидирање на дисциплинските постапки во МВР и стратегија за развој на Центарот за полициска обука.

-Очекувам да добиеме далеку подобри нормативно-концепциски рамки во посочените области, што на стратешко ниво ќе ги детектираат и опфатат сите слабости и потреби во соодветните организациони единици. Потоа, таквите рамки ќе отворат простор за посеопфатно, и се разбира поквалитетно и поефикасно, оперативно структуирање, организирање и делување на соодветните служби, рече министерот Спасовски.