Тројца загинати во сообраќајка на македонски автобус кај Лесковец

Три лица од кои две се македонски државјани загинаа во тешката сообраќајна несреќа која доцна синоќа се случи во близина на српкиот град Лесковац.  Кај третата жртва не се пронајдени лични документи па се уште е непознат идентитетот.

Несреќата се случила ноќеска во 1 часот и 45 минути. Автобусот на струшката компанија Еуробус, кој патувал од Битола кон Виена, според српската полиција, се излизгал од патот, притоа пробивајќи ја заштитната ограда се превртел кај клучката Печењевци во близина на Лесковац.

Причините за несреќата се засега непознати. Како една од можностите е неприлагодената брзина и лошите временски услови. Вкуно повредени се 32-ца патници кои веднаш биле пренесени во болницата во Лесковац.

„Вкупно имаме 28 пациенти, од кои четири се на хирургија и еден на ортопедија. Четири пациенти се испратени во Ниш. Според последните информации, тие се со сериозни повреди и се во критична состојба.“  изјави д-р Небојша Димитриевиќ – директор на болницата Лесковац.

Од клиничкиот центар во Ниш велат дека лицата се примени во 3 часот и 30 минути по полноќ. Станува збор за тројца мажи и една жена кои покрај повредите имаат изразени знаци на хипотермија.

-Кај еден од пациентите се констатирани скршеници во делот на препоните, кај останатите има повреди на рбетот, градниот кош и нагмечување на телото. Сите имаат тешки телесни повреди, но за среќа ниту еден од нив не е во животна опасност.“ – велат од Клиничкиот центар во Ниш.

Како што велат од компанијата „Еуробус“, автобусот е произведен во 2006 година и уредно минувал на техничките прегледи. Велат дека сите автобуси редовно се сервисираат а возачите имале долгогодишно искуство. Оттаму испратија друг автобус за да ги врати полесно повредените во Македонија.