(ВИДЕО) Заев: Ненадејната смрт на Јован е загуба за академската заедница, за нашата држава, за партијата СДСМ и за Охрид

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министри во Владата на Република Македонија денеска присуствуваа на комеморација за прерано починатиот градоначалникот на општина Охрид, Јован Стојаноски, и им изразија сочувство на сопругата на Стојаноски, на членовите на семејството, и на колегите и соработниците на градоначалникот на Охрид и професор на  Факултетот за туризам и угостителство во овој град.

На комеморативната седница се обратија, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието на Република Македонија, Томислав Тунтев, претседавачот со Советот на општина Охрид, Живка Ангеловска, секретарот на општината, Игор Бежоски, братот на градоначалникот Стојмир Стојаноски и синот на прерано починатиот градоначалник, Димитар Стојаноски.

Во овие моменти тешко е да се најдат зборови за утеха за семејството на Јован. Замина прерано од животот на своите најблиски. Останаа толку многу планови и заеднички очекувања.Во овие моменти на огромна тага, дозволете од мое лично име и од име на членовите на Владата на Република Македонија, да Ви упатам искрено сочувство до сите членови на вашето семејство, до роднините и пријателите. Замина прерано и за сите нас. Ненадејната смрт на Јован е загуба за академската заедница, за нашата држава, за партијата СДСМ и за Охрид. Низ годините зад нас, тој даде огромен придонес со своето посветено работење. Остави траги и предизвикуваше почит, кои секогаш ќе се паметат.

Зоран Заев, премиер на Република Македонија и претседател на СДСМ