Харадинај: Со Могерини како посредник, ЕУ не е неутрална во преговорите меѓу Косово и Србија

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај одговори денеска на вчерашното писмо од Брисел, обвинувајќи ја експлицитно високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини дека, како посредник во преговорите меѓу Косово и Србија, со нејзината едностраност, го попречува постигнувањето договор за нормализација на односите меѓу двете земји, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај, во писмото што го објави порталот „Газета Експрес”, а кое е адресирано до потписниците на вчерашното писмо од ЕУ – Могерини, комесарката за трговија Сесилија Малстром и комесарот за проширување Јоханес Хан – на шефицата на дипломатијата на ЕУ и порачува дека за Приштина е „длабоко навредливо” тоа што однесувањето на Србија кон Косово од нејзина страна е оквалификувано како „трговска провокација во рамките на ЦЕФТА”.

– Ние сакаме да имаме што потесни односи со Европската унија. Сепак, под твое раководство, ЕУ престана да биде неутрална во своите договори со Косово и Србија. Однесувањата на Србија наспроти Косово, вклучително постојаното одбивање да се спроведат техничките договори од Брисел, не е само ингорирање на Косово, туку Србија се стекна и со финансиска поддршка, како и со отворање на нови поглавја, ѝ пишува Харадинај на Могерини.

Косовскиот премиер напоменува дека неговата Влада „постојано рабти на создавање стабилни односи со косовските Срби, како и со другите малцинства” и дека „тие напори почнаа да даваат резултати”.

– Вашата изјава во однос на границите, комбинирана со вашиот студен однос кон големите штети што му се предизвикуваат на нашето општество од делувањето на Србија, го намалија прогресот и доведоа директно до губење на моментумот во процесот на дијалогот. Категоризацијата на дејствијата на Србија од ваша страна како „трговска провокација во рамките на ЦЕФТА” е длабоко навредлива: вие знаете колку е Србија груба во нејзините напади врз нашата држава, врз нашите институции и врз добросостојбата на нашите граѓани, пишува Харадинај.

Тој порача дека, „наспроти сите овие проблеми”, Приштина продолжува „безрезервно да го поддржува дијалогот со Србија”, за што како потврда ја посочува одлуката на Собранието да формира преговарачки тим.

– Како што знаете, презедовме силни мерки во последно време за да го зајакнеме и поддржиме дијалогот, согласно уставните надлежности на нашите институции. Нашето Собрание докажа дека сме обединети во намерата да отвориме ново поглавје во овој процес, напиша Харадинај.

Косовскиот премиер го затвора писмото со порака дека одлуката на Валадата за таксата од 100 отсто на производи од Србија останува непроменета, односно дека таа, како што има порано нагласено, ќе се укине откако Белград ќе престане со деструктивниот однос кон Република Косово и кога ќе ја признае нејзината независност.