Јовески: Ако зависеше од мене и Рускоска, немаше да има амнестија

Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески не сака да ја коментира амнестијата за учесниците во крвавиот четврток бидејќи вели, тоа е политички чин.

– Доколку ова зависеше од мене и од обвинителот кој постапува по предметот, Вилма Рускоска, тоа немаше да се случи. Меѓутоа ова е мој професионален став, а Собранието при донесувањето на Законот ценело други околности кои мене не ми се познати. Обвинителството професионално ќе постапува до завршување на предметот. Но морам да укажам дека постапката за амнестија придонесе и за разјаснување на некои делови од настанот. Изјавите во судницата, на изненадување на многумина, укажаа на моменти од подготовка на случувањата на 27 април. Го разбирам разочарувањето на граѓаните и реакциите, но повторувам тоа е политичка одлука. Обвинителството е должно да го примени законот – истакнува Јовески во интервјуто за Македонската Информативна Агенција.