ВМРО-ДПМНЕ ќе ја исклучи и Јанкулоска?

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ подготвува нов бран исклучувања од партијата, дознава Ден.мк. Неофицијално, меѓу исклучените ќе се најде и екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Јанкулоска вчера на својот Фејсбук профил реагираше на пишувањата на избеганиот пратеник Никола Груевски, кој пак ги повика пратениците да размислат уште еднаш пред гласањето.

„ Кога си далеку од проблемите, на 800км од Македонија лесно е на социјалните мрежи да кажуваш што е лесно а што не е, при тоа амнестирајќи се од сите проблематични одлуки за кои секогаш одговорен е некој друг и игнорирајќи ја реалноста дека Македонија е таму каде што е денес, меѓу другото и заради бројните испуштени шанси во минатото“, напиша Јанкулоска.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на прес конференција рече дека се вршел жесток притисок за да се вршат уставни измени.

– Според непотврдени информации, дел објавени од медиумите, поранешни функционери од нашата партија, уценети со случаи дел од политичкиот прогон, под закана за нивната слобода, се ставени во функција да убедуваат со јавувања по пратеници нивни роднини и пријатели, рече Стоиловски.

Според информациите на Ден, оваа прес конференција, освен за Јанкулоска, за која тие сметаат дека е дел од „убедувачите“, е најава дека ќе се исклучуваат и други поранешни функционери. Не е исклучено на оваа листа да се најде и Зоран Ставрески.

ВМРО-ДПМНЕ од партијата ги исклучи пратениците кои гласаа за отварање на Уставот, но и Сашо Мијалков и Никола Тодоров, бидејќи според нив, тие работеле со премиерот Зоран Заев во убедувањето на пратениците да гласаат позитивно за промена на Уставот.