Меркел: Од голем интерес за Германија е Грција да биде силна членка на ЕУ

Од голем интерес за Германија е Грција, не само да остане член на Европската Унија, туку и да биде нејзина силна членка, изјави денеска во Атина германската канцеларка Ангела Меркел на средба со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Меркел и Павлопулос на нивната средба во Претстедателската палата утрово разговараа за повеќе теми како од билатерален, така и од европски интерес.

Германската канцеларка изјави дека откако Грција успеала да ги заврши европските програми, започнува нова фаза во која Германија сака да ја поддржи на билатерално ниво со низа соработки, но ги спомена и грчките барања од минатото.

– Преземаме апсолутна одговорност за историската обврска и одоворност што ја имаме. Знаеме за злосторствата извршени во Грција од страна на нацистите. Затоа „од срце“ да ја поддржиме Грција во корист на двете држави – рече германската канцеларка на почетокот од средбата со Павлопулос.

Во однос на проблемот со мигрантите, Меркел истакна дека Германија отсекогаш потенцирала дека Грција не може да биде оставена сама, бидејќи поради географската положба е „принудена да прифаќа толку многу луѓе“.

– Знаеме дека дури и денес ситуацијата на доста острови е многу тензична. Затоа, од германска страна ќе поддржиме заедничка бегалска политика и политика на азил на европско ниво, бидејќи веруваме дека секоја земја треба да придонесе во решавањето на овој проблем – објасни Меркел.

Извор: Македонска Информативна Агенција