Собранието ги изгласа Уставните измени, стануваме Северна Македонија

Македонското Собрание вчера ги усвои уставните измени, кои произлегуваат од Договорот со Грција за решавање на спорот за името, со што македонската страна ја исполни својата обврска од договореното, а сега на потег е грчкиот Парламент да го ратификува Договорот, со што ќе се отвори патот за интегрирање на земјава во ЕУ и НАТО. Пратениците со двотретинско мнозинство од 81 пратеник вчера во рамки на 75. седница ги донесоа амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, а потоа и ги прогласија. Усвоен и прогласен е и Уставниот закон за спроведување на амандманите.

Седницата почна во средата на 9 јануари, но беше неколку пати презакажувана поради барањата на Беса на Биљал Касами за интевенирање во амандманите во делот на дефинирањето на државјанството и дијаспората. Договор беше постигнат за дел од барањата на Беса, откако претходно беа прифатени и дел од барањата на Алијансата на Албанците на Зијадин Села, со што беше обезбедено потребното двотретинско мнозинство за третата фаза од измените на Уставот.

Македонија согласно договореното ќе се преименува во Република Северна Македонија, а државјанството останува македонско/државјанин на Република Северна Македонија, но тука е прифатен амандман на Уставниот закон, на Беса, со кој се појаснува како ќе гласи за граѓаните Албанци на албански јазик и ќе се утврди во сите закони каде што е тоа потребно. На седницата не присустуваше пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Извршниот комитет на партијата вчера цел ден заседаваше, а по изгласувањето на измените партискиот лидер Христијан Мицкоски излезе со барање веднаш да се распушти Собранието и да се распишат вонредни парламентарни избори, заедно со претседателските.

Сега на потег е грчкиот Парламент да даде поддршка за договореното, а со ратификацијата од страна на грчките пратеници се очекува и потпишувањето на протоколот за членство на Македонија во НАТО. Македонската страна Договорот го ратификува набргу по неговото потпишување.  Собранието на  19 октомври со 80 гласа ја донесе одлуката за пристапување кон уставните измени.  За втората фаза, која помина минатиот месец, беа потребни 61 глас од вкупно 120 пратеници. Во Грција ратификацијата ќе помине ако поддршка на Договорот му дадат најмалку 151 од вкупно 300 пратеници, а грчкиот премиер Алексис Ципрас најави дека веднаш откако Договорот ќе помине во македонското Собрание, ќе се преземат мерки во Грција.