(ВИДЕО) Заев: Да живее Македонија, да живее Република Северна Македонија

Вчера, на 11 јануари, нашата земја напиша историја. Генерацискиот сон станува стварност. Со одлуката за измена на Уставот на нашата земја, започна спроведувањето на македонско-грчкиот Договор од Преспа за членство на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија, вака премиерот Зоран Заев ја почна прес конференцијата по вчерашното гласање во Собранието со кое се изгласаа измените во Уставот.

Тој истакна дека пратениците во Собранието на Република Македонија, следејќи ги волјата и стратешките интереси на граѓаните, со двотретинско мнозинство овозможија да зачекориме низ отворените порти во најголемите западни сојузи на светот.

– За овој историски момент сакам најискрено и најдиректно да им се заблагодарам на секоја пратеничка, на секој пратеник, за оваа голема и одговорна одлука. Знам колку беше тешко да се направи тоа. Ја чувствувам и ја разбирам и горчината, но и гордоста на секој граѓанин од огромното мнозинство, за одлуката да се прифати овој исчекор за доброто и иднината на нашата земја и за нашиот народ. Горчината ја оставаме во минатото и со гордост гледаме во иднината. Напишавме историја и ги отворивме новите, бели страници на нашата иднина. За испишување на новата реалност, новата перспектива на Република Северна Македонија, земја членка на европското и евро-атлантското семејство, рече Заев.

Според него, нашето пристапување во НАТО, кое веќе е во тек, ќе продолжи со зголемен интензитет и со јасен исход, а се очекува и почетокот на преговорите за членство во Европската Унија.

„Гласот за спроведување на Договорот од Преспа, е одлука против изолацијата, против несигурноста и против сиромаштијата. Одлука што им дава сила на нашите млади генерации да се издигнат рамо до рамо со нивните европски врсници. Одлука со која ја градиме Македонија да биде земја која нашите и идните генерации ќе бидат горди да ја нарекуваат свој дом. Да ги споделуваат заедничките вредности и придобивки на отворен пазар на работни места, на отворените европски универзитети, на отворени фондови за поддршка на младите бизнисмени, научници, граѓански активисти. Одлука за безбедна и спокојна иднина. Одлука со која нашата Република Северна Македонија станува глобална земја, еднаков партнер на меѓународната сцена – земја која е дел од демократскиот, напредниот и правичниот свет, рече Заев.

Премиерот зборуваше за економијата и другите реформи кои ја очекуваат државата во периодот кој следи.

– Имам јасен апел и до опозицијата: Постојано повикувајте на нашата одговорност. Барајте од нас да го испорачаме тоа што сме го ветиле. Но, заборавете на опструкциите. Тие не му носат никому, никакво добро. Не го попречувајте прогресот. Така само му нанесувате штети на народот, на нашата држава, но и себеси. Не можете повеќе да ја избегнувате вашата одговорност кон земјата. Бидете дел од новите поглавја во македонската иднина. Ние политичарите сме тука, и кога сме на власт и кога сме во опозиција, исклучиво заради граѓаните, ним им служиме, рече Заев.

Тој им се заблагодари на граѓаните за како што рече, гордоста, за поддршката и довербата, за трпението и за учеството во оваа татковинска акција.

– Им заблагодарувам на Македонците за големината со која го понесоа овој предизвик, а им благодарам и на Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите други, за одговорноста и солидарноста со која настапија во овој чувствителен период. Сите ние заедно, веќе изградивме ЕДНО ЗАЕДНИЧКО ОПШТЕСТВО. Да живее Македонија, да живее Република Северна Македонија, заврши премиерот Зоран Заев.