(ВИДЕО) Мицкоски: Ветувањата на Заев се дрн-дрн, бла-бла, ајде на избори

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес конференција рече дека со чувство на мака проследил пресот на Зоран Заев.

– Само Зоран Заев, политичар аболиран за тежок криминал, кој влече сериозни хипотеки зад себе може да прославува и да се гордее што го променил името и идентитетот на сопствената земја. Само Зоран Заев, кој се колнеше во татковци и дедовци дека немало да го чепка вековното име може да се гордее и да се обраќа како премиер на нова земја Северна Македонија. Само Зоран Заев, кој ветуваше дека македонскиот Устав бил европски, може да се фали со притисоците, заканите и непринципиелните пазарења со кои што ја погази јасно изразената волја на граѓаните на референдумот од 8 септември 1991 година и 30 септември 2018 година, рече Мицкоски.

Тој додаде дека премиерот Заев денес и предвреме ја преименувал сопствената татковина, на се уште не стапен во сила договор.

– Господине Заев, Македонија денес не слави! Македонија денеска е завиена во црно бидејќи Вие продадовте, погазивте и уништивте се. Ова што вие го направивте има само еден збор – Предавство и кариеризам. Залудни се фалбите, залудни се и изнасилените насмевки, зарипнатиот глас од славјето во кое ниту тој, ниту неговите најблиски соработници не веруваат. Залудна е и лажната еуфорија и стакленото звоно кое го креираат. Чаламот на власта не го покрива срамот со промена на името и идентитетот. Човекот треба да разбере дека никој не го сака, никој не му верува. Но и се поголем е бројот на луѓето кои веќе не му се плашат. Зоран Заев готов си. Сите веќе тоа го знаат, а набрзо и ти ќе го дознаеш тоа, истакна лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Тој вели дека оваа влада е за едно прашање, и тоа прашање го решиле катастрофално, преку промена на име, идентитет, јазик, историја, култура, образование, промена на се што е македонско.

– Останува запишано дека промената на Уставот со цел промена на уставното име се направи на противуставен, противзаконски, нелегитимен, насилен и криминален начин, по пат на притисоци, закани, уцени и пазарења. ВМРО-ДПМНЕ и мнозинството на македонскиот народ и мнозинството на граѓаните на Македонија не го подржаа овој договор. ВМРО-ДПМНЕ ќе направи се што е во негова моќ  да се исправи во иднина оваа неправда. Останува запишано дека 81 човек во Парламентот го променија името и идентитетот, а не народот, не граѓаните на оваа држава, рече Мицкоски.

Според него, премиерот Заев најавува нова капитулација, општествена, економска, политичка, образовна, здравствена. Неговите ветувања пред граѓаните, Мицкоски ги нарече „дрн-дрн, бла-бла, празни муабети“.

– Денес е докажано дека не можат, не умеат, и дека со секој ден ќе биде полошо. А по капитулацијата со името, ако остане оваа влада следи нова капитулација, во економијата и во општетсвото. Затоа, Заев и вие од осрамениот СДСМ – не  бегајте од одговорност. Немојте да се криете зад партиските одлуки како што се криевте зад гласовите на 81 пратеник за да ја погазите волјата на народот. Излезете на избори! Не се тоа избори за фотељи тоа се избори каде ќе победи народот, каде што ќе победи ВМРО-ДПМНЕ, за да победи достоинствена и горда Република Македонија. Да живее Самостојна, независна, достоинствена и горда Република Македонија, рече опозицискиот лидер.