Сирија нема да биде мирна земја ниту во 2019 година

Сирија ни во 2019 година нема да биде мирна земја и интересите на странските сили во земјата се уште ќе се судираат, пренесува Македонската Информативна Агенција.

Сириската Влада со поддршка на Русија и иранските паравоени групи, ја врати контролата врз речиси целата земја, но тешко дека некој конфликт привлекувал толку странски сили како сирискиот.

Претседателот на САД Доналд Трамп пред празниците објави дека трупите на неговата земја ќе се повлечат од Сирија, но изгледа во меѓувреме малку ги преразгледал своите планови. Тоа прв го пренесе републиканскиот сенатор Линдзи Греем по разговорот со претседателот во последните денови од минатата година.

Трамп подоцна објасни дека наводно никогаш не рекол оти повлекувањето од Сирија ќе биде брзо.

Како што тогаш рече Греем, Курдите во северниот дел на Сирија не треба да и се препуштат на милост и немилост на Турција чиј претседател Ердоган најави интервенција.

– Ако ги напуштиме Курдите и тие бидат жртви на масакр кој ќе ни помага во иднина? Сакам да водам војна во непријателскиот двор, не во нашиот. Затоа ни требаат сили во Ирак, Сирија и Авганистан уште одредено време – рече сенаторот.

Иако две илјади американски војници се уште остануваат присутни, јасно е дека оската на влијание се поместува.

Турција е заинтересирана да го прошири влијанието пред се, во северниот дел на земјата, во курдската автономна област. Курдите, стравувајќи од заминувањето на Американците, веќе побараа помош и од официјален Дамаск.

Русија ќе се концентрира на избрани територии, особено на пристаништето во Тартус. Нејасно е колку Москва ќе учествува во понатамошна борба против Исламска држава која е речиси победена, но и понатаму е способна со терористички напади да ја тресе Сирија.

Иран, пак, со сите сили ќе се обиде да го прошири своето влијание околу Дамаск, но и да го зголеми присуството на Голанските висорамнини кон Израел.

Отворено е и како Израел ќе реагира на новонастанатата состојба. Последните воздушни удари на околината на Дамаск, кои ги изврши израелската авијација, беа насочени пред се кон иранските сили и либански Хезболах кој е поврзан со нив.

Исто така е отворено и како Владата на Асад ќе се справи со паравојските и нивните борци на кои досега се потпираше. Илјадници припадници на Иранската револуционерна гарда, како и припадници на ирачки и авганистански паравоени единици и на Хезболах со години се борат на страната на Башар Ал Асад.

За тоа време Владата во Дамаск можеше да увиди дека со поддршка на такви сојузници секогаш и се исплати да биде брутална, вели Бенте Шелер, шефица на канцеларијата на Фондацијата „Хајнрих Бел“ во Бејрут. „Сириската Влада ни во иднина нема да види потреба да преговара затоа што е уверена дека е на курс кон победа“.

Тоа пред се би требало да важи за провинцијата Идлиб. Во тој регион кој е под контрола на сириската армија живеат два до три милиони луѓе. Според проценката на ОН, дури 99 проценти од нив се цивили. Но, таму се наоѓаат и многу бунтовнички групи кои се засолниле во регионот, меѓу кои се и некои од најмоќните џихадистички формации.

И покрај заканите на Асад, за сега нема големи офанзиви на градот. Прво Турција се понуди да посредува и да ги разоружа џихадистичките трупи во Идлиб, но тоа не даде успех.

Затоа што режимот на овие борци не им понуди никаква противуслуга, потсетува Шелер: „Зошто би се откажале од нешто без за возврат да добијат нешто друго, на пример гаранција дека така невооружени ќе ги пуштат од градот или ќе им дадат амнестија?“

Затоа, како што очекува Шелер, кризата во Идлиб ќе трае уште долго време, исто како во цела Сирија.

Русија, како што се наведува во еден коментар на Ал Џезира, во сириската криза секогаш од ракав вадеше бегалска карта: „Русија намерно напаѓала цивили во подрачјата под контрола на опозицијата за да се предизвика бегалски бран кон Турција и Европа. Со тоа сакале да ги принудат тие земји повторно да размислат за нивната поддршка за вооружените опозициски сили“, се толкува во тој коментар.

Русија со ова имала моќна алатка во своја рака: бегалските движења кон Европа значително ја сменија политичката слика на континентот. Во речиси сите земји десничарските партии влегоа во парламентите.

Но, без разлика со кои средства сириската Влада и нејзините руски заштитници се обидувале да го контролираат Идлиб, Сирија политички нема да биде земја каква што беше до почетокот на бунтот во 2011 година. За тоа ќе се погрижи токму втората заштитничка сила на Сирија – Иран.

Според еден извештај на американското списание „Форин Полиси“, во борбите во Сирија загинале повеќе од две илјади ирански војници. Освен тоа, Иран вложил до 30 милијарди американски долари во борби во Сирија. Затоа Техеран сигурно нема да потклекне пред меѓународниот притисок да се повлече од Сирија. – По толку масивни инвестиции, Иран е одлучен да ги ожнее долгорочните стратешки предности – дури и ако тоа краткорочно бара понатамошни загуби на човечки животи и трошоци, пишува списанието.

Таа стратегија, особено и ако Американците дефинитивно се повлечат, ќе доведе до затегнатост во регионот, очекува Шелер. Израел во напредувањето на Иран гледа загрозување на националната безбедност.

– Иако имаше предупредувања, а Израел со военото дејствување покажа дека нема да го толерира иранското присуство, тоа иранско присуство се зајакна. Исто така може да се забележи и поголем ирански ангажман во луѓе во споредба со претходниот период – вели Шелер.

Војната во Сирија во однос на национално ниво можеби во голем дел веќе е одлучена, но меѓународната димензија се уште е отворена. Токму поради таа меѓународна димензија Сирија ни во 2019 година нема да биде мирна земја.

Извор: МИА