Ципрас бара гласање за доверба на владата откако Каменос ја напушти коалицијата

Лидерот на „Независни Грци“, Панос Каменос ја напушта Владата на Алексис Ципрас, соопшти тој денеска по средбата со грчкиот премиер. Каменос се повлече и од функцијата министер за одбрана, пренесуваат грчките медиуми.

На состанокот, тој му се заблагодарил на Ципрас за соработката и му рекол дека прашањето за името повеќе не му дозволува да биде дел од оваа влада.

Ципрас веднаш ја прифати оставката и најави дека ќе бара гласање на доверба на неговата влада.

– Доаѓаме од различни политички семејства, сите идеолошки разлики се познати во јавноста. За националниот интерес работевме искрено и постигнавме многу. Успеавме да ја извлечеме земјата од кризата. Му Благодарам на Каменос не само за постинатото, туку и за искрениот разговор, рече Ципрас.

Врвот на партијата „Независни Грци“ преку соопштение извести дека нема да гласа позитивно за доверба на владата, иако неофицијалните информации кои се шират во Грција се дека Ципрас веќе овозможил 151 пратеник кој ќе го ратификуваат договорот од Преспа, со што и неговата влада останува стабилна.