(ВИДЕО) Јанушев: Поднесуваме тужба против Џафери и директорот на Службен весник

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев на прес конференција најави дека ќе поднесат тужба против претседателот на Собранието, Талат Џафери и директорот на Службен весник, Мартин Костовски.

– Потпишувањето и праќањето на законот за двојазичност во Службен весник од страна на господинот Талат Џафери, без потпис на претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов е незаконски и насилнички обид да се протуркаат решенија кои ќе остават далекусежни последици по државата. Секое објавување во „Службен весник“ на законот за двојазичност без претходен потпис од страна на Претседателот на државата, не е ни легално ни легитимно и сноси не само политички туку и правни последици. Незаконското објавување на законите е злоупотреба на службена должност и е казниво согласно член 353 од Кривичниот закон на Република Македонија. Ова дело не застарува за година или две за да може сторителот да биде амнестиран од Кацарска судството на Зоран Заев. Со оглед на тежината на делото и огромните штети за Република Македонија кои би ги предизвикало незаконското објавување во Службен весник, ставот 5 од членот 353 предвидува затворска казна од најмалку 5 години, рече Јанушев.

Според него, со овој закон се урива уште еден темел на Република Македонија кој ги поврзуваше сите етнички заедници кои живеат во државата.

– Овој закон е уште една хипотека преку која Заев се обидува да ја плати цената за неговото доаѓање на власт и затоа ваквото однесување на СДСМ и ДУИ е срамно и неприфатливо. ВМРО – ДПМНЕ ги повикува сите институции на централно и локално ниво да го игнорираат и бојкотираат операционализирањето на овој неуставен и штетен закон. Доколку одговорните во институциите се соочат со какви било проблеми или закани, ВМРО – ДПМНЕ и правната комисија им стојат на располагање за правна или било каква друга помош, изјави Јанушев.

Генералниот секретар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека Власта нема легитимитет за промената на името и спроведување на законот за двојазичност.

– Зоран Заев наместо да се охрабри и да го распушти собранието со цел организирање на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, избега на луксузно зимување во германскиот ски центар Гармиш Партен Кирхен. Заев бега затоа што знае дека се што направи е против волјата на граѓаните. Промената на името не е по волја на македонскиот народ, туку е поради изнудениот глас на 81 пратеник. Заев бега од избори затоа што сака да ја пустоши државата уште две години, додаде Игор Јанушев.