Ципрас: Мојата патриотска должност е да работам на отстранувањето на товарот од овој спор

Грчкиот премиер Алексис Ципрас побара во вторникот од пратениците во грчкиот парламент да го поддржат, а со тоа и неговата ослабена влада по оставката на коалицискиот партнер, министерот за одбрана Панос Каменос поради спорот за новото име на Македонија.

Гласањето за довербата на владата на премиерот кој стапи на должност во 2015 година и кој доаѓа од крајно левата коалиција Сириза, Алексис Ципрас, се очекува во средата доцна вечерта.

„Барам од вас да ја поддржите мојата влада“, изјави Ципрас на почетокот од дебатата во парламентот во Атина во вторникот.

Ципрас побара гласање за доверба на владата по оставката на коалицискиот партнер, партијата Независни Грци на досегашниот министер за одбрана Панос Каменос, поради договорот за новото име на Македонија. Премиерот смета дека македонско-грчкиот договор потпишан во јуни минатата година, со кој македонската држава се преименува во „Република Северна Македонија“, претставува историска можност за запирање на политичко-семантичкиот збор кој 27 години го влошуваше билатералните односи.

„Мојата патриотска должност е да работам на отстранувањето на товарот од овој спор и на јакнењето на геополитичката улога на Грција во регионот, на Балканот и во источниот Медитеран“, рече Ципрас. Побара од пратениците „во овој клучен момент да постапат одговорно“. Премиерот повтори дека гласањето доверба ќе му овозможи да остана уште девет месеци на власт и заокружување на мандатот и работата во владата.

Како што се очекува меѓу политичките аналитичари, во среда Ципрас би требало да ја добие довербата во парламентот, откако поддршка му даде уште еден пратеник, со што го обезбедил мнозинството од повеќе од половината од пратениците, односно 151 глас, пишуваат грчките медиуми во вторникот повикувајќи се на владини извори.

Ципрас рече минатата седмица дека би можел да распише предвремени избори, доколку не успее да обезбеди 151 глас. Неговата Сириза има 145 мандати во парламентот со 300 пратеници. Уште четворица пратеници рекле дека ќе го поддржат, а петтиот Спирос Данелис, објави ноќта кон вторникот дека ќе гласа за Ципрас, според неименувани извори.

Меѓутоа, дури доколку Ципрас и ја добие довербата на пратениците, политичката неизвесност во Грција ќе продолжи, бидејќи неговата влада ќе мора да се потпре на поддршката од пратениците кои не доаѓаат од Сириза за да ги протурка предлог-законите. Ципрас се надева дека парламентот ќе гласа за договорот за името на Македонија, по гласањето за доверба ба владата, доколку довербата биде потврдена, како и дека ќе ги доврши планираните реформи пред новите парламентарни избори. Сегашниот мандат му истекува во октомври.