Азманов: Боки 13 ми побара рекет од 50.000 евра, заканите се кажани во афект

По објавата на 1 ТВ дека бизнисменот и сопственик на „Настел“, Зоран Азманов им се заканувал на новинари со убиство поради најавите за новата емисија на оваа телевизија, „Македонски инсајдер“, со реакција се јави и бизнисменот Азманов. Тој во изјава за „Слободен печат“, вели дека сопственикот на 1 ТВ, Бојан Јовановски, му побарал рекет.

Бизнисменот Зоран Азманов вели дека кога ја слушнал најавата за емисијата зборувал со Јовановски кој му рекол дека има документи од Финансиска полиција.

– Боки 13 ми побара 50.000 евра за да се реши проблемот. Се работи за класичен рекет. Јас го поканив на која сака телевизија да ги спротивставиме неговите сознанија и моите сознанија, вели Азманов.

Бизнисменот вели дека пратил смс порака до одговорниот уредник на телевизијата Ацо Кабранов со содржина: „ќе ги решам сите по цена на живот“.

– Тоа е кажано во афект. Не е закана по живот, мислев на институционално решавање, објаснува бизнисменот.

Јовановски пак, во изјава за весникот вели дека не е точно дека барал 50.000 евра од Азманов. Тој додава дека бизнисменот не сакал да даде снимена изјава, а емисијата не оди во живо, па затоа и не може да се даде изјава во живо.

– Каков рекет, какви 50.000 евра, немојте тоа да го земате за сериозно. Со бизнисменот зборував двапати, тој бараше да се видиме, да се договориме, јас му реков дека нема простор, вели Јовановски.

Целиот текст на „Слободен Печат“.