Груевски и без пратеничката плата има приходи како поранешен премиер

Груевски има уште 6 години, 4 месеци и 18 дена плата и останати привилегии како поранешен премиер. Вака поранешната пратеничка од редовите на СДСМ, актерката Софија Куновска ги поби сите тврдења на владејачката партија дека со измена во законот за платите на пратениците направиле Никола Груевски да не зема плата бидејќи е во бегство.

Но, привилегиите на Груевски не застануваат тука. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во март 2016 година изгласаа поранешните премиери да добиваат обезбедување од Министерството за внатрешни работи, но и возило и шофер на државен трошок онолку колку што биле на функцијата, што за бегалецот од правдата би значело нешто повеќе од 9 години.

Според Куновска, платата е одземена како пратеник, но останатото се уште стои, бидејќи законското решение се уште постои.

„Но истиот има право на плата како поранешен премиер онолку долго колку што бил на таа функција. Тој беше премиер од 28.08.2006 до 18.01.2016 или 9 години, 4 месеци и 23 дена. До денес му се изминати 3 години и 10 дена. Прашањето ми е следно: Дали останува и натаму на сила законското решение со кое секој премиер ќе има плата, обезбедување, возач, службен автомобил и се друго предвидено со актуелното решение? (Измена донесена од мнозинството на Груевски)“, пишува екс пратеничката од СДСМ.

Непосредно пред да се смени власта, екс вицепремиерот Никола Тодоров на Груевски му даде на користење две државни возила „Пасат“. Истата привилегија не ја доби техничкиот премиер и актуелен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев.