Македонија на 93. место по корупција од 183 земји

Иако со напредок од четиринаесет позиции, Македонија останува на европското дно според степенот на перцепција на корупцијата.

Извештајот на Транспаренси Интернешанал кој прави поврзаност и со степенот на демократија ја смести земјава на 93. место од вкупно 183 земји. На долната скала се и Косово, Гамбија, Гвајана, Монголија и Панама. Според извештаите од кои Транспаренси ги црпи поените, како причини за генерално лошиот резултат на Македонија е неефикасноста на судството.

Како позитивна се оценува работата на Специјалното јавно обвинителство и учеството на граѓанските организации во креирање на политиките. А како препораки Транспаренси ги дава имплементацијата на законите и контрола на трошењето на јавните пари.

Од земјите во регионот, најмала перцепција за корупција има во Словенија која е на 36то место во светот, по што следуваат Хрватска, Црна Гора и Грција, Бугарија, Турција, Србија и Босна и Херцеговина.

Данска се најде на водечкото место, како најмалку корумпирана држава во светот, а на првите пет позиции се уште и Нов Зеланд, Финска, Сингапур и Шведска. На дното на ранг-листата, на последното место е Сомалија, а меѓу петте најкорумпирани држави се Сирија, Јужен Судан, Јемен и Северна Кореја.