МОБ потрошила 2 милиони за опера која не се одржала?

Од буџетот на Македонската опера и балет се одлеани 2 милиони денари за опера која не се одржала, дознава Ден.

Според информациите до кои дојдовме, ова не е прво сомнително исчезнување на пари во МОБ, напротив, во последниот период има дупка од дополнителни 6 милиони денари.

Нашите извори тврдат дека парите се изнесени од МОБ преку сомнителни трансакции од моментот кога директор на МОБ станува Васо Ристов, кој претходно беше претседател на Комисијата за музичка и музичко сценска дејност во Министерството за култура, кога на нејзино чело беше Роберт Алаѓозовски.

Како претседател на Комисијата, Ристов си доделуваше финансии за фестивали и натпревари во кои самиот тој се јавува како организатор или член на жирито. За тоа пред речиси една година реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која обвини за конфликт на интереси.

– Дали бројни докажани уметници и професионалци останаа неподржани, само поради тоа што немале блиски врски со Претседателот на Комисијата за музичка и музичко сценска дејност, Васо Ристов, кој од друга страна пак, преку  комисијата каде што тој е претседател доделил 1.480.000 денари на Факултетот каде што тој е продекан. Дали ова не е пример за класичен конфликт на интереси?! Истата комисијата доделува огромни средства и за повеќе студентски фестивали и натпревари во кои досега Ристов редовно се јавува како организатор и член на жирито. Меѓународниот натпревар за млади музичари „Охридски бисери“ каде продеканот досега бил редовен член на жири комисијата добил вртоглави 1.300.000 денари, рече Роберт Вељановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според информациите на Ден, во Македонската опера и балет врие од инспекции токму за „исчезнатите“ 8 милиони денари, но се уште нема никаков епилог од истото.