Јанева: СЈО ја исполни мисијата и континуирано работи против криминалот

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева во вчерашното гостување во емисијата „Правда и неправда“ на 1тв рече дека е задоволна од работата на обвинителството.

– СЈО кое го предводам не само што ја исполни мисијата, туку продолжува да работи континуирано во борбата против криминалот во Република Македонија. Тоа може да се види од целокупната работа што е презентирана во јавноста, а доколку се даде проширената надлежност уште повеќе ќе се залагаме за правда, рече Јанева.

Таа очекува до крајот на февруари да завршат судските процеси за „Титаник 3“ и „Шамари во Центар“.

На иста линија е и обвинителот Трајче Пеливанов, кој во емисијата рече дека смета дека успешно се справиле со предизвиците кои биле пред нив.