Ден

Александрова: ВМРО-ДПМНЕ прифати се од Преспанскиот договор, не се искрени кон членството

ВМРО-ДПМНЕ во суштина прифати се од Преспанскиот договор, но им требаше виновник кога се гласаа уставните измени, па „осумката“ некако им дојде добро алиби за да се задскријат себе во тој процес. Излезе на површина тоа што јас цело време го кажувам и укажувам кон членството кое што не заслужува неискреност и дволични политики од страна на раководството во партијата, вели во интервју за „Ден“ пратеничката од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Емилија Александрова.

Пратеничката е поборник за една изборна единица и отворени листи, бидејќи смета дека во земјата е потребна демократизација на општеството, која почнува од партиите. Вели, со овој модел во составот на Собранието би влегле и други структури на пратеници, од други групи, кои би дале друга слика на парламентарниот состав од 120 пратеника и во некои идни калкулации за формирање на нова влада, тој условувачки притисок од некои политички партии ќе биде намален, а со тоа што ќе биде намален, ќе значи поголема демократизација.

Негласањето на нејзината матична партија на Законот за одбрана, а прифаќањето да се гласа ратификација на Протоколот за НАТО на Република Северна Македонија, за неа е предизборен и популистички трик на ВМРО-ДПМНЕ. Александрова додава и дека на 3. февруари би требало да го поднесат новиот предлог-закон, со кој пресметале дека ќе се намали загадувањето за цели 50 проценти, а за кој очекуваат поддршка од сите партии во Законодавниот дом.

Своето идно дејствување, иако на кратко време пред изборите го нема се уште дефинирано, но вели дека има уште што да каже во политиката.

Фото: Борче Поповски

Ден: Кога ќе го предложите Законот со кој што предвидувате намалување на загадување за 50 отсто и дали е веќе подготвен?

Александрова: Законот е се уште во драфт верзија. Го доработуваме во однос на тоа како ние го замислуваме да изгледа и веќе имаме договрено со колегите кој ќе стапи во контакт со другите колеги од другите политички партии, така да време многу немаме. Се надеваме дека на 3. февруари ќе има нова седница и дека до тогаш ќе успееме да го пуштиме Законот во собраниска процедура и да видиме кој се од колегите ќе застанат на страната на овој закон, односно сите ќе ги покажат своите намери кон загадувањето, односно да го намалиме загадувањето. Во овој Закон е предвидено дека загадувањето ќе биде намалено до 50% според сите истражувања кои се направени и според нашите предлози кои ги содржи овој предлог Закон.

Ден: Дали по прес конференцијата за овој Закон ве конткатираше некој од пратениците, независно дали од власта или од опозицијата и дали ви дадоа начелна поддршка за овој Закон?

Александрова: Тука во собраниските ходници ние секако си контактираме со колегите. Сите го поддржуваат овој предлог во смисла како некакво решение, меѓутоа колку ќе бидат искрени до крај колегите, ќе видиме колку ќе се потпишат на овој предлог Закон. Ние сме отворени кон сите, јас и во пресот повикав дека ги повикуваме сите политички чинители во општеството, без разлика дали е власт или опозиција, или независни пратеници. Сите се потребни во ова да учествуваме, да покажеме еден сериозен пристап затоа што од година во година загадувањето е се поалармантен проблем во државата и сметам дека веќе време за губење немаме.

Ден: Пратениците од владејачкото мнозинство, и од СДСМ и од ДУИ ве нарекуваат „конструктивна опозиција“. Колку ве консултираат за носењето на законски решенија кои се гласаат во Собранието?

Александрова: Имаме коректен однос со сите и имаме отворен пристап кон сите, тоа е нашата политика на делување како независни пратеници. Во однос на реформските закони, покажавме сериозен пристап, односно амандмански интервениравме онаму каде што сметавме дека законското решение треба да се подобри, се во интерес на граѓаните. Многу од амандманите ни беа прифатени, делумно не, меѓутоа ние како независна пратеничка група сме задоволни од нашиот придонес, особено во реформските закони, а на тој начин направивме притисок и врз матичната партија, дека и тие треба да учествуваат, дека политичкиот дијалог помеѓу сите политички чинители во Собранието е вистинска демократска слика за собранискиот состав и за сите ние, претставници на народот кои сме тука во Собранието. Тоа е еден сплет на сите учесници кои имаат сериозен пристап кон интересите на граѓаните. Сметам дека секогаш може подобро. Се надевам дека ние бевме еден мсот кој допринесе за раст на демократијата, еве бевме сведоци на многу закони за кои власта и опозицијата седнаа и разговараа. Сметам дека конструктивно влијаевме на целиот демократски процес на Собранието.

Ден: Како планирате да настапите на изборите како независна пратеничка група, односно имате ли некаков договор или пак план, еве конкретно ве поврзуваат со „Македонски концепт“ на Петар Богојески?

Александрова: Нашето делување за во иднина се уште го немаме дефинирано во која насока и како ќе биде. Ги проценуваме условите за нешто политичко делување. Немаме никакви поврзувања со никој, одговорно тврдам за сите од пратеничката група. На крај сепак сите ќе мораме да донесеме индивидуални одлуки, дали и кој сака да продолжи, дали не сака да продолжи во политиката. Со „Македонски концепт“, освен со Петар Богојески, што сме стари сопартијци, немаме разговарано во однос на некои други насоки, така да времето ќе покаже како ќе се определиме да делуваме понатаму. Да бидам искрена време немаме многу, меѓутоа во овие брзи политички превирања за кои сме сведоци во нашата држава, сепак може да дадат некаков сигнал, дали би земале активно учество или не во политиката, или би се бавеле со политика на друг начин. Политиката не е само да бидеш претставник во Парламентот, има и други начини како може да се влијае на политичките процеси и да допринесеш за поголеми демократски процеси во државата.

Фото: Борче Поповски

Ден: Имате ли контакт со Христијан Мицксоки и лидерството во матичната партија?

Александрова: Освен двете средби што ги имавме со лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, немаме други контакти. Да потенцирам дека тие две средби беа по негово барање. Имаме отворен пристап, сме за дијалог, меѓутоа се во рамките на своите уверувања и своите идеи како треба да се развива државата, политиката во различни сфери на општественото делување. Со другите немаме никакви контакти. Со другите, со членството секако дека имаме контакти, ние сме сите стари членови на партијата. Некои врски не можат да се прекинат.

Ден: Оние кои ве критикуваа за уставните измени и ве исклучија од партијата, сега преку техничките министри ја користат придавката „Северна“ во името. Како гледате на целата таа ситуација?

Александрова: Ова е само уште еден доказ, и во моите претходни интервјуа, лични ставови и изјави, на прес конференција побарав оставка од Христијан Мицкоски во таа насока, дека се неискрени. Дека тие во суштина прифатиле се, меѓутоа во моментот кога се гласаше, им требаше виновник за тоа, па „осумката“ некако им дојде добро алиби за да се задскријат себе во тој процес, за сега да излезе на површина тоа што јас цело време го кажувам и укажувам кон членството кое што не заслужува неискреност и дволични политики од страна на раководството во партијата. Значи не можеш на средби со пертставници на меѓународниот фактор да велиш дека ова е завршена работа, така требаше да биде, ние нема ништо да правиме по однос на тоа, а на партиските средби со гласачкото тело, да ги охрабруваш дека ништо не е завршено, да зборуваш сосема спротивно и притоа дирекно да ги подгрева страстите на луѓето во нешто што е нереално и нешто што може само да ја врати државата назад, а за кое нешто не сакам ни да помислам дека би можело да се случи. Иднината на нашата држава се евроатлантските интеграции.

Ние директно придонесовме со нашето гласање за тоа, а партијата колку беше искрена, се надевам дека членството ќе процени и ќе има вистински увид во тоа колку момнеталното партиско раководство е искрено кон нив самите и генерално кон државните политики. Политиката некогаш бара и државнички одлуки, не бара само политички. Државничките одлуки некогаш можат да значат и штета и на политиката и на политичката опција. Тие се ретки одлуги, меѓутоа имаат многу важна улога во текот на државата и во нејзиниот развој, така да сметам дека мојата матична партија многу погреши што не учествуваше во целиот тој процес и не покажа државотворен капацитет, односно државотворниот капацитет го наметна на друга партија, го препушти својот државотворен капацитет на друга партија, нешто кое што јас многу тешко го прифаќам, затоа што верував дека мојата партија го има тој државотворен капацитет, да делува и работи за интересите на државата, а после за политиката.

Ден: Законот за лустрација беше донесен од власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, сега власта предводена од СДСМ сака да донесе Закон со кој би се поништила лустрацијата. Вие на прес конференција кажавте дека немате донесено конечен став. Дали разговаравте со пратеничката група и каков став ќе заземете?

Александрова: Ние разговараме со колегите за тоа, но немаме заземено се уште став. Во однос на нашите разговори е дека ние како држава, како политички партии не успејавме да се иземеме од ниту еден процес, па ниту од лустрацијата да ја извадиме политиката. Сметам дека се додека сите процеси во државата ги гледаме преку призмата на политиката и политичкиот противник, нема да донесуваме правилни одлуки. Тоа е нешто на кое што во моментов разговараме, но дали воопшто ќе заземеме став не сум сигурна, ќе видиме како ќе се движат работите понатаму.

Фото: Борче Поповски

Ден: Како ја гледате блокатада на ВМРО-ДПМНЕ за двата закони, за една изборна единица и Законот за одбрана, кој е важен за НАТО интеграцијата?

Александрова: ВМРО-ДПМНЕ како голема политичка партија има свој принцип на длеување и дејствување и овој нов изборен модел значи комплетно изместување од тој принцип на длеување и дејствување, односно партиските одлуки се носат од страна на лидерството или од страна на лидерот на партијата и овој изборен модел овозможува тоа да биде така. Со нов изборен моел од шест во една изборна единица, а јас би сакала да биде и отоврени листи, каде што пратеникот ќе ја има својата тежина и улога, тогаш дејството, односно улогата на лидерот врз пратеникот ќе биде намалена. За жал лидерите, односно еве сега зборуваме за ВМРО-ДПМНЕ, не се во состојба да се откажат од тронот на кој што седат во моментов, а тоа е да бидат главни над сите и тоа за мене е погубно и деструктивно, затоа што дефинитивно на мојата партија и треба демократизација.

И статутарно треба да се направи поголема демократизација во партијата, а овој изборен модел е одлична шанса како да го унапредиме сето тоа и да дозволиме на државата вистински демократски да се движи напред, затоа што кога веќе е извесно членството во НАТО, тропаме на прагот на портите на Европската Унија, нас ни треба и демократизација на општеството, а таа почнува од партиите. Битно за овој изборен модел е дека во составот на Собранието би влегле и други структури на пратеници, од други групи, кои би дале друга слика на парламентарниот состав од 120 пратеника и во некои идни калкулации за формирање на нова влада, тој условувачки притисок од некои политички партии ќе биде намален, а со тоа што ќе биде намален значи поголема демократизација, така да колку е поразнолик составот на Парламентот, толку е подобро за општеството и за државата.

Законот за одбрана сметам дека е чисто предизборен и популистички трик на ВМРО-ДПМНЕ. Да не заборавиме дека ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива за предврмена ратификација на Протоколот за НАТО членството на Република Северна Македонија и сега они се спремни да гласаат за ратификацијата на НАТО Протоколот за Република Северна Македонија, а не се спремни да гласаат за Законот за одбрана каде што Армијата ќе биде Армија на Република Северна Македонија. Тоа е непристојно, тоа е потценувачки на сите, неискрено и јас би ги прашала дали после гласањето, бидејќи координаторот на пратеничката група рече дека ќе го гласаат Протоколот за членство во НАТО, дали после тоа ќе виснат на ѕидот на срамот бидејќи гласаа за Република Северна Македонија да влезе во НАТО? Дали тоа за нив исто значи срам, го гласаат протоколот за Република Северна Македонија, а не гласаат Закон за одбрана и беа против уставните измени. Тие се контрадиткрони самите на себе, затоа по дифолт би требало да си застанат на ѕидот пак, затоа што тоа ќе ја рефлектира нивната прва слика и неискрен однос кон целата држава и кон своите членови

Ден: Како се чувствувавте во моментот кога застанаа покрај ѕидот, а вие кои гласавте за отворање на Уставот останавте да седите во пратеничките столчиња?

Александрова: Да бидам искрена јас порано ја донесов својата одлука за тоа како треба да гласам, меѓутоа чинот на висењето покрај ѕидот за мене беше непристоен, не се чувствував добро. Тогаш за првпат ја почувствував суровоста на политиката и на неискрениот однос на политичарите и затоа понатаму како пратеничка група одлучивме да дејствуваме во интерес на граѓаните, а не преку призмата на политиката. Тоа беше една добра пресвртница во мојот живот како треба да делува еден политичар, дали треба да биде искрен, неискрен, дали треба да мисли прво на политиката па на државата, или прво на државата, па политиката. За мене тоа беше важна лекција во животот, како треба еден политичар да се однесува понатаму во својот политички живот.

Ден: Ако не сте пратеник, ќе останете ли политички активна или ќе се повлечете од политиката?

Александрова: Како пратеник јас започнав една мисија со гласањето на уставните измени, а тоа е државата да стане полноправна членка на НАТО и ЕУ. Без разлика, и да не сум пратеник, ќе се обидам преку мое политичко дејствување да допринесам државата да ги затвори овие процеси затоа што и моето гласање за уставните измени беше и тоа државата да си го најде својот пат и да биде дел од европското семејство и НАТО Алијансата, така да секако дека ќе продолжам во тој правец да делувам без разлика на тоа дали ќе бидам или нема да бидам пратеник. Пратениците не се единствени политичари кои ги пренесуваат своите ставови. Сметам дека имам уште што да кажам во политиката и имам уште повеќе што да допринесам за државата и за овој народ вистински да ги почувствува европските вредности за кои ние цело време се бориме.

Ден: Дали имате недоразбирања во вашата пратеничка група бидејќи по прес конференцијата на која побаравте оставка од Христијан Мицкоски, Елизабета Канческа Милевска, која е координаторка на вашата пратеничка група во изјава за неколку медиуми кажа дека не била запознаена со вашата прес конференција иако претходно сте се координирале и сте се договориле на Вибер да ја одржите таа прес конференција?

Александрова: Немаме никакви недоразбирања во моментов. Тоа беше еден можеби момент на недоразбирање од страна на колешката Канческа Милевска, во смисла навремено и ненавремено читање на Вибер комуникацијата, така да сега е се во ред со пратеничката група и функционираме сите согласно со одлуките кои ги носиме со мнозинство. Тоа е добро во нашата пратеничка група, што секој може да си го каже својот став во врска со се и без притоа да биде осуден за својот став. Тоа се придобивките на демократскиот процес, а не ако кажеш свој различен став, да бидеш веднаш ставен на ѕидот на ширење на говор на омраза, веднаш сите партиски ботови да се пуштат на најјако и да бидеш притоа етикетиран со најразлични погрдни етикети кои што само ја покажуваат сликата на нашето општество за кое што уште за жал покажува дека мора да работиме на него и да го подобруваме. Како политичари имаме многу одговорна улога на ширењето на јавниот говор и говорото на омраза и затоа повикувам и апелирам до сите политички лидери, сериозно да размислат на таа тема затоа што на тој начин преку политичките лидери се рефлектира состојбата во секоја партија. Членовите ја следат нивната реторика и доколку тие ја ублажат реториката, сметам дека и реториката помеѓу членството и на социјалните мрежи ќе олабави, тоа е нешто што многу е потребно во моментот, заота што тој говор на омраза за жал зазема невидени размери, а реакцијата на институциите не ја гледаме никаде.

Александар Тодески

Можеби ќе ве интересира:

Моравчик: Проширувањето со Западниот Балкан, е во интерес за поголема стабилност и економска соработка

Обвинетите за органзација на „крвавиот четврток“ не се чуствуваат виновни

Влатко Зорба

Буриќ на средбата со Жерновски ги поздрави судските реформи во нашата држава