Ден

Бидете одговорни: Пандемијата уште не е готова

Кога беше регистритан првиот случај на коронавирус кај нас, луѓето се подисплашија. На десеттиот кренавме паника, на петнаесеттиот ги кренавме сите тоалетни хартии од маркет, после тоа паничевме до тераса кога ќе излезевме да не кивне комшијата над нас и наеднаш…

Скари, гушкања, бакнувања, селфиња, неносење маски, пикање по гужви, пркосење на… На кого пркосење, всушност? Од една страна, се навикнавме на тоа дека вирусов ни е тука, но тоа не значи дека е помалку опасен отколку што беше во март или април. Но и покрај тоа, секојдневно се разминуваме со луѓе што само на уста ја носат маската, се расправаат во маркет кога ќе им речат да почекаат да излезе муштеријата што е на каса, целосно неодговорни за себе, другите и блиските.

За нас што следиме правила и што се штитиме, ни се чини како некој да си поигрува со нас и малку се чувствуваме како будали, но мерките се тие, маска, дистанца, миење раце и избегнување групирања. Тоа што е топло не значи дека нема корона. Тоа што поголем број дејности мораа да ја рестартираат работата исто така не значи дека вирусот не постои. За жал, еден дел од населениево се лишува себе од уживање, се ограничува, пази кај се движи, за некој себичен да го уништи тоа бидејќи поканил друштво од 20-25 луѓе во двор.

Многумина велат „Здрав/а сум јас“, „Лажат, нема вирус“, „Досадно ми е дома“, „Маските не штитат, затоа не носам“, „Ќе видиш дека од понеделник помалку ќе има“ и така натаму. Светот уште е во состојба на пандемија. Никој не е имун на вирусов. Помислете на повозрасните ваши родители, на членот на семејството кој страда од хронична болест, на некој кој има рак во ваша близина…

Пивата нема да ви избегаат, ниту кафињата, ниту скарите. Ако веќе морате, бидете што повеќе на отворено и тоа помалку луѓе и на дистанца. Во овој момент, кога пандемијата не стивнува, не е време да се соберете 10 души на клупа, ниту кај некого во стан со затворени прозорци за комшиите да не ве пријават, а уште помалку да правите веселби и да си ги изложувате на ризик најблиските. Ќе преживееме без дискотеки, шанкови, клубови, а колку поодговорно се однесуваме сега, толку пократко ќе трае тоа. Со ваквото безумие може и со месеци да се тера, ако не ни дојде памет.

Луѓе се разболеа, други умреа, трети останаа без приходи… Мислете и на нив и на оние кои немаат шанса во моментов да имаат нормални примања, нормална работа, нормален живот. На сите ни недостига слободата, ама не по цена да лежиме на инфективни одделенија.

Можеби ќе ве интересира:

Шопинг во време на пандемија: Како да тестирате парфеми безбедно?

Како да исчистите пегла која загорела?

Во продажба е најновото издание на енигматскиот магазин „Лавиринт“

Александар Тодески
×

Следете не