Ги прекршија ли позитивните пратеници протоколите за заштита од коронавирусот?

Со амбулантно возило од новоотворената клиника на „Никоб“ и облечена во скафандер, пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, која е позитивна на коронавирусот вчера влезе во Собранието за да го гласа петтиот сет на економски мерки, претходно блокиран од пратениците од опозицијата.

Пратеничката не беше единствена, позитивна која гласаше од посебна просторија – со неа имаше уште еден пратеник, Мирослав Богдановски од ДОМ, но не толку експониран во јавноста бидејќи тој не одлучи да објави фотографија на Фејсбук дека со скафандер ќе оди да гласа на пленарната седница од посебно наменетите простории за изолирани пратеници, откако претходно опозицијата одби да гласа измени на Деловникот со кои ќе се дозволи онлјан присуство на собраниски седници, како што стана пракса во речиси сите останати држави порати пандемијата од КОВИД-19.

Сепак, постапката на пратениците отвори прашања во јавноста, дали тие се привилегирани, со оглед на тоа што секој останат заразен од вирусот останува во неколкунеделна изолација, зависи од сериозноста на клиничката слика, додека народните избраници одат на работното место да гласаат.

Првото вакво постапување на пратеник беше при изборот на влада, кога пратеник гласаше од посебно наменетите простории, со што беше избрана владата со 62 гласа „за“.

Според Генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири, Дополнението на Протоколот број 02-2342/1 од 30 јули минатата година дозволува пратеници кои се позитивни да присуствуваат во посебно наменетите кабини, иако таму не е прецизирано дали се работи за позитивни пратеници, или пак за пратеници кои се во изолација поради контакт со заразени од вирусот.

„Овој протокол се однесува на пратеници кои се во домашна самоизолација а немаат симптоматологија поврзана со КОВИД-19 кои под посебни услови и превентивни мерки може да присуствуваат на собраниска седница и да го остварат своето право за гласање во една од постојните кабини во Големата сала“, стои во дополната на Протоколот.

Сепак, според адвокатот Јанаки Митровски, двајцата пратеници се подложни на кривичен прогон.

„Подложна е на прогон космонаутов по член 206. Дополнувањата на протокол за гласање, се однесува на пратеници кои “се во самоизолација а немаат симптоматологија на Ковид” Во превод во изолација поради контакт, или само суспектни. Е пратеничкава како што самата наведува е ПОЗИТИВНА на Ковид. Е сега по брза постапка кога ќе и се пушти ОЈО Скопје со казнен налог ко на пола Македонија“, напиша Митровски на Фејсбук.

Професорката Мирјана Најчевска пак, реагира дека пратениците кои се „исплашиле“ дека ќе се заразат од своите колеги, биле истите кои се гушкале по штабови и излегувале на протести.

„Овие што се уплашија дека ќе се заразат од пратениците кои дојдоа да гласаат во скафандри се истите оние кои си се гушкаат по штабови, и се муваат по улици на протести и не излегоа од кафаните, и, лижат лажичиња по цркви, и слават родендени, и се туткаат низ самопослугите и …?Тоа се истите тие кои не дозволија ни да се размислува за електронско Собрание и гласање?Оние кои измислуваат начини Собранието да не функционира?Оние кои поднесуваат илјадници амандмани кои немаат ни основа ни смисла, ама им личат на нешто што треба да го прават?Која срамота бре и која мизерија да присилите болни луѓе да доаѓаат за да може да се одвива работата на Собранието. Па уште да се фрлате у неола и да мафтате со закони и Устав и као нешто ептен сте биле загрижени за здравјето.Неписмена багра“, напиша Најчевска.

Со реакција се јави и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кратко пишувајќи дека ова било тероризам врз Собранието, а не крвавиот упад на 27 април, кога имаше повредени пратеници и новинари.

Премиерот Зоран Заев пак, им честиташе на пратениците кои го откочија петтиот пакет на економски мерки гласајќи „за“ и покрај тоа што се позитивни на коронавирусот, со што над 17 илјади граѓани ќе ги добијат задоцнетите плати.

Пратеничката Костадиновска-Стојчевска по гласањето на Фејсбук напиша дека ќе ги издржи сите коментари, бидејќи помогнала и секогаш ќе била на страната на граѓаните.

Собранискиот спикер Талат Џафери пак, посочи дека се води според сите постапки и процедури и дека нема никакво прекршување на законите и процедурите.

А.Т.

loading...

Останати вести

Трајановски: ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше на протестите „За заедничка Македонија“

admin

(ВИДЕО) Заев: Велиме да за Европа, не за уцени врз македонскиот народ

admin

Кој стои зад „Сиа Виста“, новиот институт за испитување на јавното мислење?

admin