Ден

Интервју со Ристиќ: Состојбата со фрлањето ѓубре е полоша, но има повеќе граѓани кои прават акции

„Не биди ѓубре“, иницијативата која заедно со неколкумина ја почна актерката Ирена Ристиќ пред повеќе од една година е препознаен како најголема организација на граѓани кои го чистат она што другите го фрлаат по улиците, парковите, кејот, па дури и по автопатите.

Ристиќ во интерјву за месечниот енигматски магазин „Лавиринт“ зборуваше за нејзината најголема љубов – Златниот ретривер Алтан, но и за „Не биди ѓубре“, чии акции продолжуваат по паузата направена поради рестриктивните мерки.

Лавиринт: Која е приказната зад изборот токму Алтан да биде Вашиот миленик?

Ристиќ: Откако ми починаа двете претходни кучиња, Њуфаундлендери, што за мене беше исклучително трауматично искуство, цели седум години бев цврсто  уверена дека никогаш повеќе нема да чувам куче, се до  еден момент кога почнав да се присеќам колку е волшебна таа дружба и тој однос… Почнав да си мечтаам, додека бев на едно снимање… Прво смислив име, Алтан, а он се појави веќе утредента, сосема случајно… Името се залепи на таа фаца прекрасна и така почна се… Значи, немав намера да чувам Златен ретривер, просто така се случи. Воопшто не е пресудна расата. Пресуден е односот кој го градите со него. Миленикот е рефлексија на неговиот сопственик.

Лавиринт: Колку е тешко да се чува Златен ретривер?

Ристиќ: Ако се почне со „тешко“, подобро е воопшто да не се почнува… За мене, чувањето миленик е задоволство!И воспитувањето, и секојдневните прошетки, и подготвувањето храна, и набавката на секакви “тракаташки”, грицки, модни додатоци, каиши, кабаници, марами, играчки, одржувањето на неговата хигиена, како и хигиената во домот, редовните посети кај ветеринарот… Сето тоа го правам со љубов и леснотија! Единствено “тешко” е кога не е арен, но со брзите и професионални интервенции на ветеринарите со кои „соработуваме“ уште од негова двомесечна возраст, сето како да не било.

Лавиринт: Гледате ли промена во општеството во однос на чувањето на миленици, културата при шетањето и слично?

Ристиќ: Ако треба да одговорам со да или не, би рекла не, но… Еве, сме мрднале 1%, можеби помалку… Кога ќе видиме колку има напуштени миленици, нечипирани, нерегистрирани, колку се зголемува бројот на уличните кучиња, колку има несобран кучешки измет на секој чекор… Од друга страна, пак, има посветени и одговорни сопственици, но нивниот број е толку мал, што не го поправа гореспомнатиот процент…

Лавиринт: Ја почнавте иницијативата „Не биди ѓубре“. Има ли некаква разлика кај граѓаните, или пак сликата на терен останува иста и покрај бројните активисти кои се залагаат за поубаво место за живеење за сите?

Ристиќ: Сликата на терен не е иста! Полоша е! Но, на сметка на тоа, се зголемува и бројот на граѓани кои забележуваат, реагираат, самоиницијативно прават акции… Ирена, мечтателот, гледаше како се се средува за една година и Македонија е најчистата земја на светот за 2020… Ирена, реалистот, од самиот почеток знаеше дека оваа борба ќе биде тешка, макотрпна, долга… И така и се подготвив! А кога кризирам, тука се моите соборци за поткрепа!

Целото интервју со актерката Ирена Ристиќ прочитајте го во најновото издание на месечниот енигматски магазин „Лавиринт“, кој може да го најдете во најблиските продажни места.

Фото: Борче Поповски

­

Можеби ќе ве интересира:

Осуммина починати, 136 нови потврдени случаи на заразени со коронавирус

Малолетник прободен кај Зелен пазар во Скопје

Лични карти и пасоши во Скопје ќе се издаваат и во сабота и недела

×

Следете не