Ден

Кузевски: Поголема јавна свест за објавување содржини на социјалните мрежи

Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП) во текот на минатата недела била контактирана за совет од страна на малолетни лица, жртви во случајот со групата „Јавна соба“ на Телеграм, која по барање на МВР е избришана. За истиот случај и невладина организација се интересирала во врска со постапката за пријавување на злоупотреби на лични податоци, за тоа кои се превентивните мерки што се потребни да се преземат при користење на социјалните мрежи и пристап на интернет и идни проекти и активности за едукација на младите на оваа тема.

Заменик-директорот на ДЗЛП Игор Кузевски за МИА изјави дека во случаи како „Јавна соба“ тие можат да постапуваат само доколку има соодветни докази или да упатат на МВР, а доколку се работи за барање за бришење на профил на Фејсбук се обраќаат до нивното седиште во Даблин. Кузевски вели дека доколку се работи за малолетно лице, тие мора кај нив да дојдат заедно со својот родител или старател.

-Ако имаме соодветни докази, а под соодветни докази подразбираме принтскрин, скриншот со слики каде се објавени фотографии или клипови заедно со дадена изјава од жртвата која тврди дека нејзините лични податоци се злоупотребени, веднаш може да поднесеме кривична пријава согласно член 149 од Кривичниот законик за злоупотреба на лични податоци до надлежниот јавен обвинител, по што ќе влезе во обвинителско судска постапка, појаснува Кузевски.

Доколку се бараат само консултации и нема елементи за пријава, но барателот се чуствува како жртва, вели тој, треба час поскоро да се направи бришење односно она што беше направено од МВР и групата е избришана и повеќе не постои. Во случајот со „Јавна соба“ бидејќи МВР имаше отворено предмет, сите ги насочуваме кон МВР за координирано да се настапи за сите жртви.

И во консултациите со претставниците на НВО која се обратила до нив, како што истакнува Кузески, им биле дадени токму овие насоки.

Заменик – директорот на Дирекцијата нагласува дека доколку се бара итна интервенција од нив ќе мора да има изјава од жртвата, и докази при што веднаш би поднеле кривична пријава до надлежниот обвинител.

Сепак, тој предупредува и дека и да биде побарано бришење постои опасност некој накаде на својот компјутер ги симнал фотографиите и видеата од групата или воошто она што е објавено на социјалните мрежи или медиуми. Затоа, вели тој, е важно да се зголеми свеста за ризиците од објавување вакви содржини.

-Новиот закон за заштита на лични податоци, кој деновиве треба да влезе во собраниска процедура, го утврдува правото да бидеш заборавен, но во пракса секогаш останува ризикот дека некој, што не мора да биде во Македонија, ги симнал локално на својот компјутер сликите, клиповите и како ризик дека нема некогаш некаде повторно да ги објави, можеби уште појавно од она што било сега во групата во „Јавна соба“. Затоа е важно подигнувањето на свеста кај сите и кај децата, кај родителите и кај наставниците, пред да се случуваат вакви работи, децата, ние родителите да сме свесни од ризиците од евентуални можни злоупотреби кога станува збор за објавување на фотографии, видеа на социјалните мрежи или генерално на интернет, вели Кузевски.

Во текот на оваа година Дирекцијата ќе реализира серија едукативни настани во повеќе средни училишта во земјата каде со учениците и со професорите ќе се разговара за ризиците при употреба на социјалните мрежи и социјалните медиуми. Веќе до нив со барање за едукативен настан се обратиле од средното училиште Васил Антевски Дрен.

Можеби ќе ве интересира:

Осуммина починати, 136 нови потврдени случаи на заразени со коронавирус

Малолетник прободен кај Зелен пазар во Скопје

Лични карти и пасоши во Скопје ќе се издаваат и во сабота и недела

×

Следете не