Connect with us

Анализи

Македонија, Србија и Албанија го „отворија“ Балканот, Косово кажа „не“

Македонскиот премиер Зоран Заев, неговиот албански колега, Еди Рама и српскиот претседател, Александар Вучиќ вчера направија чекор понатаму, па од „Мини шенген“ идејата го отпочнаа планот за „Мини ЕУ“. Насловен како „Отворен Балкан“, проектот ќе значи една економија на трите соседни земји, но ќе значи и регион без граници, по принципот на кој Европската Унија сега функционира.

Работниците без проблем ќе може да бираат каде сакаат да работат и престојуваат уште од веднаш, а границите е планирано да се отворат од 2023 година.

„Нашите народи, македонскиот народ, албанскиот народ и српскиот народ, пред себе имаат ист пат. Имаме иста визија и исти вредности. Тоа се европските вредности. Одиме по истиот пат, заедно, напред, поврзани. Балканот доволно долго беше опкружен со ѕидови. Наместо ѕидови денеска изградивме нови мостови. Со Меморандумот за соработка за брз проток на стоки значително го олеснуваме увозот, извозот и транзитот на стоки, ги тргаме пречките во меѓусебната прекугранична трговија, заради напредок на економската соработка и за зголемување на обемот на меѓусебна трговска размена. Со Меморандумот за соработка за работни дозволи имаме за цел да овозможиме либерализација на пазарот на работна сила и да им овозможиме на нашите граѓани да можат да работат во овие три земји, исто како дома! Се договоривме, на почетокот на ноември ќе се сретнеме на нови работни средби во Белград, кон крајот на годината во Тирана, а во меѓувреме ќе ги задолжиме ресорните министри да обезбедат итна реализација на договореното и да развиваат нови проекти за олеснување на животот на нашите народи. И час поскоро, нашите граѓани од Отворен Балкан да осетат конкретни економски бенефити – без разлика дали тоа ќе биде поевтин одмор во Саранда, Преспа или Копаоник или пак побрз проток на стоките кои фирмите треба да ги увезат или извезат“, рече вчера премиерт Заев.

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ на прес-конференцијата повтори дека станува збор за фантастична идеја, извонредна визија и дека почнуваат процеси за отворање на границите како историско остварување на регионот.

„Ова не е иницијатива за нас политичарите, ова е иницијатива на сите граѓани од регионот“, истакна претседателот Вучиќ.

Премиерот на Албанија Еди Рама потсети дека во 2019 година за време на земјотресот во неговата земја се активираа механизмите за спасување и во Србија и во Северна Македонија и во тој трагичен момент стана јасно колку е битно да не се чувствувате сами и колку е вредно кога урнатините под кои има стотици луѓе заеднички работат обединети единици за спасување од регионот.

Тоа е само една конкретна придобивка од нашата иницијатива, а за сите останати придобивки се отворени вратите и за сите други земји од регионот, истакнаа тројцата лидери.

Повикани во „Отворен Балкан“ се и останатите балкански земји, но понудата веднаш ја одби Косово, од каде велат дека овој проект на трите земји е без визија за регионот.

Вицепремиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала Шварц, денеска на прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи во Скопје, оцени дека Иницијативата „Отворен Балкан“ може да биде опасна за Косово, како и да ја загрози заедничката цел на земјите од регионот, а тоа е членството во Европската Унија.

„Мислам дека паралелните иницијативи во суштина не се нешто ново, но се опасни за тоа како ние ја гледаме нашата држава во регионот, но и како се гледаме од страна на ЕУ, тоа е мојата претпоставка и моето мислење. Без да го негираме правото на која било независна и суверена држава да носи свои одлуки за тоа во кои иницијативи ќе учествува, со кого сака да создаде мали или големи коалиции, Република Косово, иницијативата од Нови Сад, која едно време беше нарекувана Мини Шенген, а од вчера Отворен Балкан, ја смета за опасна. Се создава атмосфера дека имаме алтернатива за нашиот заеднички пат кон ЕУ“, оцени Гервала Шварц.

Според неа, се поставува прашањето кон кого е отворена оваа иницијатива, и тука, рече таа, „треба да се запрашаме и за геостратешките цели на нашата држава, бидејќи во нашиот регион не сите држави ги имаат истите геостратешки цели“.

loading...
Continue Reading
Click to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Advertisement